Армани – колекција за отмени жени

3 февруари 2015

На изминатата модна недела на Висока мода во Париз, се претстави и Џорџо Армани, со својот бренд Armani Privé. Со оваа ревија дизајнерот ја прослави 10-годишнината од првата ревија на Висока мода во 2005 година. Од она што публиката имаше можност да го види, низ годините тенденцијата на Армани е растечка. Тоа може да се забележи наједноставно преку бројот на креации, но и на други нивоа. Ако во 2005 година имаше 31 креација на писта, овој пат беа 68. Она што е позначајно е што трудот вложен во првите колекции се надоградувал со грациозност, чистина, отменост и тивка самодоверба. Тоа на дизајнерот му овозможи целосен успех, така што на веќе 80-годишниот Армани не му остана поле на кое треба да се докаже.

Азија е влијанието што Џорџо го користеше низ годините, а по првата креација и од оваа последна колекција, изгледа дека повторно посегнал по него. Сепак, тој истакнува дека инспирацијата всушност е бамбусово дрво, со што преку креациите сакал да укаже на неговата деликатност, префинетост и сила. Но, не може да не се спомене дека според кроевите, ремените, плисеата и палетата постои ехо од Јапонија, и тоа од самото отворање на ревијата.

Бамбусовиот мотив е константно присутен, „втиснат“ на свилената златна јакна, дополнета со жакард или украси од Сваровски, или пак во комбинација со тантела, органза...

Палетата на бои е исто така водена од бамбусот, па нијанси на кафена, зелена, беж, а плисе техниката, која доминира во целата колекција, го прави визуелниот дел уште поинтересен и поблизок од природата. Во вториот дел од колекцијата пак доминираа кралско сината и црната боја.

Генералниот впечаток за колекцијата е дека е женствена и отмена. Армани уште еднаш покажа на каков начин ја замислува жената. А сигурно е дека многу од жените се препознаваат во овој стил, или ако ништо друго го посакуваат.

Објавено:
3 февруари 2015
Категорија: 
Колекции