Баленсијага, Раф Симонс, Валентино и Карвен за почеток на модната недела во Париз

26 јуни 2014

Модната недела во Париз посветена на машката мода веќе е во тек. Да ја отворат вчера имаа чест неколку добро познати брендови, а ние во продолжение ви прикажуваме со што се претставија Баленсијага, Раф Симонс, Валентино и Карвен. Според распоредот, за денеска се закажани модните шоу-а на 3.1 Philip Lim, Рик Оувенс, Луј Витон, Дрис ван Нотен, Балман.

Баленсијага - одлична основа за градење машки идентитет

Баленсијага колаж

Од студиото на Александар Ванг за сезона пролет-лето 2015 предлагаат чисти линии, но новитети во поглед на изборот на материјали.

Она што тие го наметнуваат како тренд се лесен кожен капут со два реда копчиња, со плетена внатрешност, палта и јакни од макинтош материјал со ремен во контрастна боја или ПВЦ мантили. Кроевите се од мохер, во сива, црна или сина боја, со кратки палтенца и карирани бермуди наместо пантолони.

Едноставните парчиња како белата маица се со „две лица“, а во целина кога ќе се погледне колекцијата, таа е одлична основа за градење на машки идентитет за Баленсијага.

Спортската елеганција доминантна во колекцијата на Раф Симонс

Раф Симонс колаж

Во ценарот на вниманието кај колекцијата на Раф Симонс се капутите со миди крагни, издолжени во задниот дел. Ако кај Баленсијага темните бои доминираа, овде постои поголема бојна разновидност. Нијанси на сина, бела, пастелно розова, егзотична зелена и портокалова... Она што исто така остава впечаток се и обувките кои исто така се во разни бои.

Низ колекцијата се провлекуваа и дезенирани парчиња во комбинација со еднобојни панталони. Кога сме веќе кај тоа парче облека, дел од панталоните се со тесен крој до глужд, додека пак има и такви кои во горниот дел потсетуваат на тренерка, а потоа во ногавиците повторно стануваат тесни. Всушност, целата колекција е комбинација на елегантни и спортски кроеви.

Дизајнерот имаше и посебни услови за неговото шоу. Имено инспириран од далечните места, тој како да сакаше и публиката да ја „одалечи“, па таа стоеше. Освен тоа, сите присутни беа приморани да ги изгасат мобилните, камерите и фотоапаратите, за да не пречат на осветлувањето на пистата.

Валентино - колекција за бунтовни мажи

Валентино колаж

Како што вели и самиот наслов, Мариа Грација Чиури и Пјерпаоло Пиколи за пролетната колекција за Валентино се инспирираа од ауцајдерите и оние што ги кршат правилата но во уметноста. Така, Пикасо, Пасолини, Кокто, Керуак се меѓу музите на овој моден двоец.

Токму затоа, во моделите се забележува контраст на повеќе нивоа - во материјалите, боите, дезените...

Од Валентино за пролет 2015 година доаѓа трендот на комбинирање на свила со штоф, свила и волна... „Тивката побуна“ беше претставена преку везените пеперутки, ѕверки во полиња и  шуми, распрскани цвеќиња...

И во однос на кроевите постои разновидност, па од предимензионирани јакни и блузи, се оди преку пижама-силути, до тесни и струкирани одела, комплетно дезенирани. Сепак, контрастите се одлично споени и ова е една од најпечатливите модни ревии од првиот ден.

Црно-белиот машки свет на Карвен

Карвен колаж

Карвен за пролет 2015 на мажите им предлага едноставни и класични линии, но и бои. Нешто слично како кај Раф Симонс, се претплетуваат елегантната нота и спортската, а тоа особено се гледа во панталоните, кои се дел тесни и елегантни, дел тренерка-панталони.

Исто така, голем дел од колекцијата е посветен на кошулите, кои се со тесен крој, а дел од нив потсетуваат и на блузони, што е уште еден „доказ“ за мешањето на овие два стила. Кога се во прашање боите, најзастапени се црно-белите комбинации, а во неколку наврати се среќава и интензивната портокалова, со што се дава на динамика.

Ова е добар избор за сите оние што ја сакаат класиката, а притоа сакаат да се чувствуваат и удобно.

Објавено:
26 јуни 2014
Категорија: 
Колекции