За вашата есен да биде обоена целосно во знакот на урбаниот и женствен стил, во вашиот гардеробер без сомнение треба да се најдат неколку интересни пред сè класични парчиња облека. За тоа да биде така, се погрижи модниот бренд Масимо Дути, кој пред неколку дена ја објави фотосесијата за својата нова есенска кампања, во која како заштитно лице се појавува неодоливата Ања Рубик.
Шпанскиот бренд, кој е познат по врвната елеганција не ги разочара своите обожаватели и овојпат понуди модерни парчиња кои со сигурност голем број жени ќе посакаат да се најдат во нивниот плакар како модели број еден за оваа студена сезона.
Особено внимание во однос на дизајнот им се дава на богатите текстури на материјалите во изработката на моделите, со што и наједноставните парчиња добиваат на атрактивност. Како фаворити од оваа сезона се издвојуваат плетените џемпери, волнените костуми и свилените фустани.