Богата рачна изработка и архитектонски мотиви во колекцијата на Малбери

24 февруари 2015

Архитектонски декорации и неокласични филигрански мотиви, се основата на есенско-зимската колекција на Малбери за 2015 година. Уметничката тежина се препишува на рачната изработка и богатите везови, кои во преден план ја истакнуваат занаетчиската ангажираност во креирањето на меките кожени палта, волнените јакни и здолништа и свилените комбинезони.

И покрај тоа што повеќето од моделите се „вреќести“ и вклучуваат предимензионирани парчиња како палтата и панталоните, сепак женственоста е неодминлив сегмент. Половината е нагласена со кожени ремени, додека чевлите се со дебела потпетица што го продолжува актуелниот тренд.

Чантите со кои е комплетиран речиси секој стајлинг, се изработени од јагнешка и телешка кожа со ласерски изгравиран крокодилски принт.

Новиот креативен директор на брендот, Џони Кока кој на оваа позиција е од јули минатата година, очигледно се потрудил да остави добар впечаток.

Објавено:
24 февруари 2015
Категорија: 
Колекции