Јазикот на модата во комбинациите на првата дама Елизабета Ѓоргиевска

20 јануари 2022

Ретко каде првата дама е будно следена од окото на јавноста како што е тоа случај во САД. Всушност, ова и не е некое изненадување ако се земе предвид дека тој термин започнува прво да се користи токму таму. 

Имено, првата дама која била така нарекувана е сопругата на Џорџ Вашингтон, Марта. Поради нејзината несебична љубов и нега на војниците во периодот на американската револуција, тие од милост ја нарекле „Прва дама“ посочувајќи дека за нив таа е најважната дама.

Марта Вашингтон

Меѓутоа, не секоја од наследничките на Марта Вашингтон го сакала тој епитет. Така, Џеки Кенеди во една пригода изјавила дека овој назив повеќе соодветствува на некој расен коњ кој победува на трки, отколку за жена на претседател.

 Без разлика дали некому му се допаѓа називот или не, факт е дека првите дами привлекуваат огромно медиумско влијание. И покрај тоа што нивната функција нема никаква политичка моќ, сепак не значи дека тие немаат никакво влијание - напротив.

Џеки Кенеди

Ова е една од темите на серијата „Првите дами“, преку која точно може да се види како токму овие жени биле клучни за одредени ситуации , дури и политички, а за имиџот на претседателот воопшто и да не зборуваме.

Оваа нивна „титула“ не е пандан на аристократските, но сепак, нивната општествена ангажираност, интелигенција, шарм, дипломатски манири, култура и така натаму, во голема мера влијаат врз симпатиите на народот или пак обратно. Нивното влијание не е воопшто наивно, а во тој контекст ниту облеката која ја носат.

Првите дами отсекогаш биле едни од омилените на медиумите генерално, а посебно на модните. Колку само се зборуваше за стилот на Мишел Обама и Меланија Трамп (ако ги земеме последните примери), или пак Карла Бруни, Брижит Макрон...

Во Македонија низ годините ваквото внимание и ангажираност изостанувале. Сепак, не секоја жена која ќе се најде на ваква функција, сака да биде во центарот на вниманието. Некои одлучуваат да се повлечат во сенка на нивниот сопруг, не само кај нас, туку и во светот, освен на формалните случувања.

Сепак, со актуелната прва дама Елизабета Ѓоргиевска, работите одат во малку поинаков смер. Таа преку своите хуманитарни ангажмани, како домаќин на разни работилници, културни настани, учесник на разни конференции во доменот на науката, но и појавувањето на разни манифестации го привлече домашното внимание, а сето тоа проследено и со модни комбинации со што покажа и индивидуалност, но и визуелна култура, па и дипломатска умешност.

Секако, тоа не го прави сама. Во нејзините појавувања досега, сме ја гледале во дизајни од неколку македонски дизајнери, но сепак првата дама се одлучи во најголем дел од случаите да соработува со дизајнерката и професорка, Лидија Георгиева.

И токму со неа, на стартот на оваа 2022 година ќе зборуваме за модата како нималку наивен јазик кога е дипломатијата во прашање и како во тој контекст клучна улога играат деталите, боите и секако, комплетно осмислената приказна.

-Со развојот на социјалните мрежи и дигиталната комуникација, сѐ поголема е важноста на правилно и стратешки избалансирано комуницирање. Брендирањето е навлезено во сите општествени слоеви, пораките се градат на начин како што постоеше само во областа дизајнот, па така сега имаме брендови - компании, индивидуи, политички партии, производи, инфлуенсери и т.н. Во насока на ова размислување, не кажувам ништо ново ако сметам дека да се биде сопруга на претседател на држава е функција која на некој начин е воедно и бренд. Токму периодов на МТВ1 оди доста интересна серија за првите дами на САД.

Елизабета Ѓоргиевска во црвен комплет на Георгиева при посета на Дубаи. Одбрана е национална боја, која воедно е симбол за радост, лидерство, моќ

Кога се работи за визуелниот идентитет на првата дама, голема грешка би било ако се занемари значењето на изгледот и пораките кои таа ги еманира. Ако одиме малку подлабоко од првиот впечаток, постојат порафинирани, посуптилни слоеви на комуникација, невидливи на прв поглед. Вака гледано, улогата на дизајнерот не е само да ја облече, туку пред сѐ да биде соучесник и придружник во процесот, бидејќи таа неретко ќе ја претставува и нацијата. Тука не е доволна само сирова креативност, потребен е искусен експерт, точно дозирање на целокупниот изглед во сооднос со одреден настан и неопходна техничка подготвеност - нагласува дизајнерката Георгиева.
 
Таа додава дека облекувањето на Првата дама е посебна категорија на дизајнирање, бидејќи мора да се одговори на неколку критериуми.
 
-Често се работи за настани на високо државно ниво, потребна е елеганција, совршена изработка, добро одмерена доза на модерност и стил, но и потреба да одговара на нејзиниот карактер. Таа е млада, современа, па дел од мојата работа е и да има и мал дизајнерски твист, приказна што ќе се издвои од другите. Сето тоа заедно треба да се склопи во силуета која зрачи достоинство, грациозност, познавање и зрелост. Затоа и не може секој да се бави со овој специфичен сегмент од модата - вели Лидија.
 
Првата дама на настан поврзан со здравството, во бел капут, дизајн на Георгиева. Не случајно е избрана белата, како симбол на здравјето, чистината, нов почеток.
 
Нејзиното познанство со госпоѓата Елизабета Ѓоргиева започнало пред неколку години и постепено прераснало во прекрасно пријателство.
 
-Таа има многу квалитети, голема општа и визуелна култура, максимално е професионална и точно знаеш што е потребно. Како сопруга на претседателот на РСМ, се појави неколку пати во дизајни кои ги конципирав, секој од тие дизајни носи посебна приказна, соодветна на настанот - посочува Лидија.
 
Во тој контекст, еден од нејзините изгледи кој првилече најмногу коментари и внимание беше комплетот за официјалната посета на Ватикан, нешто на што дизајнерката Георгиева е посебно горда:
-Можам да кажам дека беше навистина предизвик, но и големо задоволство. Дизајнот беше максимално обмислен, немаше место за импровизација, но и покрај тоа што успеавме да дадеме силен национален идентитет, приказната имаше и нота која е во тек со современите тенденции на глобално ниво.
 
 
За потсетување, по повод чествувањето на денот на „Свети Кирил и Методиј“ во Рим и официјалната посета на Ватикан, првата дама Елизабета Ѓоргиевска, со внимателен пристап за почитување на строгите протоколи за дрескод на аудиенцијата кај Папата, носеше црн формален костим со долги ракави и вел со кој се покрива главата. 
 
Од посебно значење е и симболиката вметната во везот на велот, во кој е содржана реченицата „ Зарем сонцето не нè грее сите", испишана на глаголица. Ова е референца на настанот во базиликата Санта Марија Маџоре, каде што во IX век папата Адријан Втори ги благословил азбуката и книгите напишани од светите браќа Кирил и Методиј. ... „Човече, кажи ни како си им ги создал на Словените книгите и ги учиш од нив, што досега никој не измислил, ниту апостолите, ниту римскиот папа"? А ние знаеме само три јазика на кои е достојно во книгите да се слави Бог – еврејски, елински и латински". Кирил на тоа им одговорил: „ Не врне ли дожд од Бога подеднакво за сите? А сонцето не грее ли исто така за сите? Зарем не дишеме воздух сите подеднакво? ..."
 
Скица од везот на деловите од костимот. Како објаснува дизајнерката, се работи за компјутерска подготвока на стилизиран вез на крагната, кој е имплементиран и на други делови, инспириран од орнаментиката на старословнските ракописи, поточно елемент од Псалтир со последование, коj датира од 16 век. Со стремеж за продолжување на традицијата во спој со современ дизајн, врвната естетика и духовен мир кои ги зрачи одбраниот елемент, заедно со комплицираноста на дизајнот на мотивот, значат креативен предизвик, но и огромна почит кон културното наследство. Како поддршка на локалното производство, повторно се работеше со домашни изведувачи, а за изработка на овој вез е користена компјутерска технологија.
 
 
Во продолжение издвоивме уште неколку нејзини модни изданија со потпис на дизајнерката Георгиева и дел од нивната симболика.
 
Модните комбинации за официјалната посета на Полска се воедно и една од првите соработки помеѓу првата дама на Македонија и дизајнерката Георгиева. „Фушиа комплет - капут и фустан, изработени од префинета волна. Посветено е внимание на спрецифичниот крој на ракавите, проследен со висок појас на половината, а капутот елегантно ја следи класичната линија на фустанот и деталот на ракавот“ објаснува дизајнерката.

 

 Ова е можеби и едно најелегантните дизајни на првата дама. Фустан во боја на модар патлиџан, беше изборот за традиционалниот новогодишен прием на дипломатите, со филигрански елементи кои се посебно впечатливи. „Со оваа креација имавме голем успех. Фустанот беше декориран со мотиви од филигран кои ги дизајнирав во форма на листови од дрво. Овој природен елемент има неколку значења, но пред сѐ е израз на поддршка на локалните вештини и занаети, со силна репрезентативна порака за нашето културно богатсво и наследство“, нагласува Лидија.

 

 Оваа романтична креација, во својата изработка ја има вткаено и жената како симболика. Првата дама ја носи на Одбележување на светскиот ден на жени научнички, а еве и зошто: „Во нежна и максимално женствена пудра розе боја, од свилен жоржет, фустанот е кроен на косо и во два слоја, со идеја да се симболизира многуслојноста на улогата на жената во општеството денес. Формата е прилагодена на дискретна елеганција, но сепак, со креативен детал на крагната и ракавите, кој дава персонален карактер на изгледот“, објаснува Георгиева.

 

За престижниот домашен фестивал „Охридско лето“, првата дама се појави во креација во кралска виолетова нијанса. Зошто токму оваа нијанса била изборот, дизајнерката вели: „За отворањето на Охридско лето, повторно одбравме пурпурна боја, која носи во себе неколку слоеви на симболика, но и потсетува на длабоките нијанси на езерото на полноќ. Фустанот е обмислен како силуета во два слоја, со асиметрично поставени фалти во горниот дел, а бојата потсетува на длабоките нијанси на езерото после полноќ. Дизајнот е инспириран од античкиот театар во Охрид, како парафраза на драперијата и на кратката и долга туника од класичните драми“.

 

 

Во 2020 година фестивалот „Браќа Манаки“ е уште еден дизајнерски предизвик, со оглед на екот на пандемијата, па дизајнерката се одлучува за креација во сина нијанса. „Ова беше деликатен момент, кога на сите ни беше потребна надеж и живеевме во досега невидена изолација. Затоа и одбравме боја сина како симбол на небото, на слободата, на надежта, од лелеав материјал, со дискретна ненаметлива елеганција“.

 

 

Објавено:
20 јануари 2022
Категорија: 
Стории
Прочитано:
2.265 пати