Манекенките насмеани чекорат по писта, сандалите ги носат во раце, а на себе ултра женствени комбинации – Каролина Ерера не можеше на посовршен начин да ја спои бразилската егзотика и опуштеност, без притоа да ја стави женственоста во сенка, во својата нова ресорт колекција за 2024 година.
Вес Гордон перфектно ги разбира жените и им го нуди тоа што со задоволство би го носеле на себе, а тоа што се надоврза и ја продолжи приказната на Ерера откако таа се повлече од челната функција, беше вистински потег што на брендот му обезбеди уште поголеми симпатии и полојална публика.
Богатите дезени и беспоштедно многу боја, не е нешто непознато за естетиката на Гордон и притоа секогаш умешно знае сѐ да стави на свое место.
Без да биде хаотично, а уште помалку досадно, Гордон на забавен начин ни сервира безвременска женственост.
Раскошни фустани се лелеат со леснотија, во романтична љубов со флоралните дезени, а потоа следуваат еклектични и возбудливи комбинации со точки, карнери, нагласени рамена, кратки топ парчиња, широки ремени што ја нагласуваат половината... Сѐ во служба на женственоста на забавен начин.