... Каролина Ерера го има одговорот на прашањето.
На Њујоршката модна недела под креативно водство на Вес Гордон, ни презентираше колекција во која токму женственоста се распленила со сиот свој раскош и убавина.
Во време кога тенденција се широките и предимензионирани кроеви и облека од машкиот плакар модифицирана во женска, тогаш кога некој дизајнер ќе ни понуди дамска естетика, таквата уште повеќе доаѓа до израз.
А Вес Гордон и со новата линија за Каролина Ерера за сезоната есен-зима 2023, ја продолжи традицијата на модниот бренд, карактеристична по сите симболи за женската елеганција: нагласена половина, романтични флорални мотиви дефинирани преку принт и 3Д форми, потенцирана силуета, и сето тоа прошарано низ една свежа и ведра палета на бои.
Едноставно, ова е колекција која според досегашното искуство на брендот (а искуството се брои во децении или поточно основан е во 1980 година), ги прави жените среќни.
Интересно е да се забележи и присутноста на миксот меѓу дневна и вечерна облека, естетика по која Вес Гордон е препознатлив и умешно знае да ја спроведе во приказната на Каролина Ерера.
Преку скулптуралните форми со тул е доловена посакуваната артистична доза, со која елеганцијата во оваа колекција добива впечатлива завршница.
Фото: Vogue