Модната недела во Милано заврши вчера, а крајот беше резервиран за модното дуо Долче и Габана.

Ако зборуваме за естетиката на колекцијата, тие не понудија ништо ново. Веќе со години ја продаваат истата колекција само со некои нови детали. Повторно видовме црни креации што ја следат линијата на телото, богати везови, тантела, светки, многу боја, многу од сè!

Модното дуо така ја навикна публиката, па овој „кич“ на нивен начин совршено проаѓа и во модната индустрија и во продажбата.

Минатата година на писта ги претставија децата на познатите родители, а овој пат, Стефано и Доминик одлучија дека ќе ги ангажираат најактуелните модели.

Темата и овој пат беше Италија и нејзиното историско богатство, со акцент на благородните семејства, каде претерувањето е нагласено во секој сегмент, па оттаму и естетиката на колекцијата, надополнета со славење на љубовта – што може да се забележи преку доминацијата на црвената, срцето како принт, љубовните карти...

А кога сме кај картите, токму со нив беше исполнета сценографијата. Исто така, ден потоа, речиси сите зборуваат за нивните „откачени“ очила за сонце.

Долче и Габана ќе инсистираат на истава естетика веројатно сè додека не се забележи драстичен пад во продажбата. И покрај тоа што ние имаме впечаток дека секоја сезона гледаме речиси иста ревија, тие веројатно имаат сосема спротивен впечаток од заработувачката. Но, она што мора да им се признае е дека драмата и вниманието што успеваат да го насочат кон себе, ретко на кој друг му успева.

 

фото извор: Vogue.com;

Објавено:
25 септември 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
251 пати