Конечно во рамки на Миланската модна недела се случи и ревијата што сите со нетрпение ја очекуваа. Големите Долче и Габана ја прикажаа нивната пролетна колекција, која иако наликуваше на претходните, предизвика безброј воздишки кај присутните во публиката.

Покрај фантастичните комбинации и парчиња, неодоливи беа прекрасните модели кои правеа „селфи“ фотографии на пистата и фотографиите беа веднаш постирани на Инстаграм.

Повторно, двојката на шармантен начин ѝ оддаде почит на нивната сакана Италија, преку одличните фустани од тантела, од нежните, лелеави материјали, тесните, црни костими кои беа олицетворение на она што значи вистинска жена.

Покрај неверојатно добрите парчиња, дизајнерите на пистата прикажаа и одлични модни додатоци, овојпат, обетки во форми и боја на лимони и портокали, рачно насликани марами, шик чантички, украсени волуменозни очила за сонце и прекрасни чевли.

„Ние не веруваме во модни трендови повеќе. Сакаме само да покажеме емоција...Уживајте“, изјави Доменико Долче додека ги подготвуваше моделите за на писта.

Нивната инспирација несомнено повторно беше Италија, овојпат мотивите од магичниот Капри, Венеција, Рим и Фиренца. Знаменитостите од овие места можевме да ги видиме прикачени на шик фустаните во бои на морето, љубовта, песокот, сонцето...

За оваа колекција, дизајнерите ја погледнаа Италија низ очите на туристите, па така ги прикажаа сите убави парчиња по кои туристите посегнуваат кога ја посетуваат оваа уникатна земја.

„Мислам дека почетокот на италијанската мода лежи токму во парчињата што жените домаќинки ги изработувале многу одамна за да се расположат во време на големата сиромаштија. Токму тие се парчињата што туристите и денеска ги обожаваат и ги купуваат во Италија. Понекогаш, ние Италијанците не ги цениме сите прекрасни работи што ги имаме тука“, изјави Габана.

Како и во изминатите сезони, Долче и Габана девојките и следната пролет на себе ќе ги носат убавините на Италија и сите оние парчиња што ги прават среќни, а не оние што ќе бидат модерни!

Објавено:
28 септември 2015
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
832 пати