Првите денови од миланската модна недела есен/зима 2014/15 поминаа во знакот на волуменозната машка мода обоена во прекрасни, земјени нијанси покрај останатите.
Прада прикажа исклучителен крој на машки панталони во одлични бои во комбинација со интересни палта во сите должини.
Волнените капути, кусите јакни, елегантните палта како и машките кошули во интензивни бои во комбинација со несекојдневно прикачени марами на вратот, оставија навистина интересен белег во целата апсолутно нослива колекција. Неколкуте пред – есенски женски модели од колекцијата во кожени варијанти со крзнени модни додатоци, беа одлична најава за она што Прада го подготвува за жените за следната сезона.
Колекцијата на Салваторе Ферагамо воопшто не заостануваше зад онаа на Прада. Од модната куќа прикажаа неверојатно шик и тренди машки модели по кои сите воздивнуваа.
Панталоните со интересен крој и дезен беа делот од колекцијата што можеби остави најголем впечаток. Волуменозните машки палта во земјени нијанси и по некоја светло сина боја што се протнуваше во колекцијата, беа доволни од колекцијата веднаш да се направат голем број нарачки. Модните додатоци и чевлите – беспрекорни. Големи чанти во интересни бои и тренди кожени машки чевли беа само некои од парчињата по кои мажите допрва ќе полудуваат.
Иако имавме можност да видиме некои од парчињата на машката колекција на Долче и Габана, тие уште еднаш не оставија без здив. Покрај совршените модели одбрани да ја презентираат колекцијата, самите парчиња беа едноставно неверојатни. Во истата можеа да се видат волуменозни машки палта, јакни, панталони и костими во темни бои и со оние добро препознатливите кралски моменти што модната куќа ги обожува во последно време. Комбинациите на интересни бои, материјали, дезени и витешки модни додатоци беа само дел од неодоливата машка колекција на единствените Долче и Габана.
Дизајнерите од машката модна куќа Moncler Gamme Bleu позната по неверојатно скроените јакни и палта, овојпат прикажа една сосема поинаква колекција. Монохроматските бои и карираниот дезен преовладуваше скоро на секој модел од колекцијата. На пистата се појавија и машки и женски модели кои ја презентираа колекцијата составена од претежно волуменозни панталони, палта и комбинезони. Помалку чудните, колоритни чевли во колекцијата придонесоа за дополнителни нејаснотии во очите кога ќе ја погледнеме целата колекција. Истата, не доби многу позитивни коментари од модните критичари.
Мисони уште еднаш покажа дека неговите колекции се олицетворение на она што се нарекува модерен маж на денешницата. Земјени тонови, интересни џемперчиња со одлични плетки, шик палта со крзно и широки, супер тренди панталони беа само некои од парчињата во колекцијата. Што се однесува до чевлите, во колекцијата преовладуваа машките сандали во кафена боја, но можеше да се види и по некој чифт патики и тренди машки, елегантни чевли.
Филип Плеин за неговата колекција есен/зима 2014/15 го одбра модерниот машки каубој облечен во црна боја како инспирација. Тој на пистата прикажа неверојатно добри машки кожени панталони, претежно во црна боја, машки фармерки во неколку бои на џинс, како и црни класични панталони. Од неговата колекција не изостануваа ниту кожените куси машки јакни, како и палтата до колена кои беа комбинација од чоја и кожени ракави. Во неколку модели можеше да се забележат и карирани моменти кои дизајнерите овојпат решиле да ги преточат во интересни машки јакни и кошули. Кога станува збор за аксесоарите, дел што секако не можел да биде изоставен од целата колекција се каубојските шешири, ремените со голема тока на средината, како и интересните машки кожени ланчиња.
Она што дефинитивно го одбележа овој викенд на машка мода во Милано, беше ненајавеното појавување на басистот на легендарните Кис, Џен Симонс на ревијата на дизајнерот Џон Варватос. Бендот што на модната сцена декади наназад носеше препознатливи рок – глам моменти, бил инспирација за колекцијата на дизанерот кој прикажа навистина интересна колекција со рок моменти. Симонс бил вистинско изненадување за сите кога се појавил заедно со дизајнерот и прошетал на пистата во неговиот добро познат стил и предизвикал воодушевување кај публиката.