Долче и Габана: Прифати се онаков каков што си!

27 февруари 2017

Карактерот и ставот се есенцијата на стилот – ова е водечката филозофија на Долче и Габана во креирањето на модата што тие ја наметнуваат.

Токму затоа на нивното вчерашно шоу на Миланската модна недела, на писта донесоа дури 140 модели како фузија на различни карактери, генерации, етникуми, раси...

На писта заедно чекореа професионални манекенки со „обични" луѓе, модни блогерки, мајки и татковци со бебиња во раце, членови на европските кралски семејства, тинејџери... А нивната крајна порака беше: Прифати се онаков каков што си!

Оваа ода на различноста е многу повеќе од модна ревија. Допира до есенцијалните човечки вредности, семејството, индивидуалноста, различноста, самопочитта, а дуото Долче и Габана и тоа како знае да го спакува во луксузна мода.

Естетиката е веќе позната: како што видовме различни луѓе на писта, исто толку беше широк и богат дијапазонот на стилови – од женствени и гламурозни до креации наменети за тинејџерската публика, луксузни везови, флорални комбинирани со животински принтови, апликации инспирирани од вселената, повеќеслојни комбинации што му реплицираат на уличниот стил (што укажа уште еднаш на фактот дека италијанскиот бренд сериозно е посветен на младата генерација), женствени тантелни фустани, одела изработени во пачворк техника...

И сето тоа прикажано како изгледа на различни типови на телесна конституција.

Многу шарм во една колекција, погледнете како тоа изгледаше во галеријата во продолжение.

Објавено:
27 февруари 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
575 пати