Модната индустрија максимално го користи технолошкиот напредок. Долче и Габана тоа го покажаа и во буквална смисла. Нивното последно шоу во Милано каде ја промовираа колекцијата за сезоната есен-зима 2018/19, наместо модели на писта, го отворија со дронови.
Летачките објекти на писта ги донесоа новите модели чанти од италијанскиот бренд, а „класичната" модна ревија започна 45 минути подоцна. Секако публиката, вклучително и Ана Винтур, беа изненадени од потегот на дизајнерите кои не штедат на тоа како да привлечат внимание.
Ревијата ја отворија со црно-бела комбинација со натпис „Моден грешник", а токму натписите во различни форми и со различни пораки, беа присутни во континуитет – аплицирани како везови или принтови на кошулите, здолништата, фустаните или капутите...
Црната тантела и златните круни и масивни обетки се нешто по што модниот двоец е препознатлив, а беа доминантно присутни и во оваа колекција.
Слоевитите комбинации во еклектичен спој на различни материјали, принтови и дезени се граничат со кич, но шаренилото на Долче и Габана и покрај сè е омилено и во најелтините модни кругови, исто колку и во уличната мода.
Еве како ќе изгледа следната Долче и Габана зима...
Фото извор: Vogue.co.uk; fashionista.com