Се посериозен е пристапот на светските дизајнери кон машката модна сцена. Ако порано приматот беше на женската облека, сега модната индустрија постави баланс и машките модни недели се следат со истото внимание како и оние што се наменети за женската популација.

А тоа може да го резимираме и од последниве модни недели наменети за мажи. Онаа во Лондон веќе заврши, а тековна е таа во Милано.

Долче и Габана секогаш се интересни за јавноста. А со прогресот на дигиталната индустрија и социјалните мрежи, нивното влијание е уште поприсутно. Тоа паметно го користи и тимот што работи зад овој бренд, па помеѓу публиката на нивната ревија за машката колекција за следната зима, што викендов се одржа во Милано, беше и младата генерација која е најактивна на Инстаграм, Јутјуб, Фејсбук и другите социјални мрежи. Тие директно пренесуваа на своите канали се што гледаа на писта во моментот. Па првите фотографии од ревиите ги видовме токму на Инстаграм.

А Долче и Габана во континуитет ни ја раскажуваат приказната за облеката со карактер. Дури и кога тоа е на комичен начин, како примерот со блузоните со карикатурни портрети од ликовите на двајцата дизајнери.

И како продолжение на констатацијата за младата публика, токму таква облека и преовладуваше на писта – со младешки дух, бескомпромисна, еклектична.

Стилски аутфитите варираа од класични одела со панталони до или над глужд од брокат до предимензионирани, слоевити спортски стајлинзи што го носат идентитетот на уличната мода. Неизбежно присутни се и флоралните принтови, пачворк техниката, а наголемо се враќаат и ремените со логото на брендот.

Она што во основа го видовме е иднината на Долче и Габана.

Објавено:
16 јануари 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
243 пати