Ѕвездена модна линија со потпис на Ева Мендес

9 април 2014

Познатите холивудски ѕвезди покрај неверојатниот талент за глумење постојано покажуваат дека поседуваат и низа други таленти. Таков е и случајот со актерката, пејачка и модел  Ева Мендес која од неодамна стана и дизајнер, а потврда за тоа е пролетната колекција која таа ја изработи специјално за брендот New York & Company. Станува збор за специјализирана компанија која произведува облека и модни додатоци наменети за жени кои веќе имаат изградено свој моден стил и вредности.

Прекрасната актерка со кубанско потекло својот дизајнерски талент го открила во тинејџерските години. Ева сама си го дизајнирала својот матурски фустан, инспирирана од стилот на Џулија Робертс.

За својата пролетна колекција, Мендес, инспиративните ноти ги црпи од модните винтиџ парчиња на нејзиното семејство, додавајќи им притоа ретро моменти во модерен призвук. Впечатлив спектар на живи бои, со фокус на сините нијанси, интересни принтови што на моменти потсетуваат на модните парчиња со потписот на Питер Пилото, извезени тантелни композиции, корални тонови, точкасти дезени и флорални отпечатоци се само дел од карактеристиките на дизајнот. Структурата и формите на моделите се одликуваат со едноставен крој во духот на “60-тите и ’70-тите. Линијата нуди навистина богата понуда на здолништа, кратки и панталони во palazzo стил, долги и фустани до под колена, кошули на врзување, широки маички, турбани и кафтани. Уште една мошне важна карактеристика е што самата Ева решила да биде моделот кој ќе ја промовира колекцијата.

„Ја работев оваа колекција со посебна желба и ентузијазам. Целта ми беше да ја истакнам женственоста и стилот кај жените користејќи принтови, извезена тантела и едноставен дизајн на накит“, вели Ева во официјалното обраќање до медиумите.

 

 

Објавено:
9 април 2014
Категорија: 
Колекции