Либанскиот креатор Ели Сааб ја презентираше својата пред-есенска колекција, во која акцентот повторно е ставен на дневните кобминации и коктел фустани.
Во модниот свет тој се наметна како дизајнер кој создава бајковити фустани, наменети посебно за оние што сакаат да се чувствуваат како принцези. Доминираше на црвениот килим, па оние што и не се доживуваат за толку романтични и нежни, сметаа дека станува предвидлив и досаден.
Предвидувајќи го тоа, Сааб веќе неколку сезони наназад, вметнува новитети, се насочува кон сè помлада публика, сепак останувајќи доследен на естетиката која ја слави женственоста. Така и сега успеа да го спои современото, актуелното и она за што се мечтае, со што ја задржува постоечката клиентела и отвора простор за нова.
Приказната за диско-кралицата од 1970-тите пренесена во колекцијата за пролет-лето 2017 (презентирана во октомври годинава), продолжи за приказна за кралица на срцата од 1980-тите.
Срцевидните изрази и генерално мотивот срце е дефинитивно во центарот на вниманието. Во комбинација со нагласените раменици, сјај, текстури, дизајнерот успеа да создаде актуелна верзија за тоа како тој ја замислува жената од 1980-тите. Од друга страна пак, со транспарентната тантела и тул, „пуфнастите“ ракави и високите околувратници, вметна и викторијанска нота.
Покрај неверојатните фустани, Сааб изненади и со украсените јакни, кожените-мини здолништа, женските одела, а секако не го одмина и најдоминантниот тренд кога се ткаенините во прашање – кадифето.
Кадифето е присутно не само во креациите, туку и модните додатоци. Речиси секоја креација има ремен, со срце секако, изработен или од кадифе или од кожа. Иако не е доминантен, сепак е присутен и „чокер“-от како актуелен моден додаток.
Саааб создаде уште една колекција со парчиња кои дефинитивно би сакале да ги имаме.