Висока мода: Сааб, Готје и Валентино претставија впечатливи модни приказни

29 јануари 2015

collage1

Четвриот ден на модната недела за Висока мода во Париз помина во знакот на три големи ревии. И покрај тоа што програмата е богата, ние се одлучивме да ги прикажеме тенденциите за пролет 2015 на Ели Сааб, Жан Пол Готје и Валентино.

Носталгична и малку поинаква колекција на Ели Сааб

collage2

Пред да се запознаат со креациите за пролет 2015, посетителите на ревијата на Ели Сааб ја имаа таа можност да го погледнат првин каталогот, кој имал за цел да ги воведе во приказната прикажана подоцна на сцената. Се работи за негово навраќање кон минатото. Каталогот започнува со фотографија од неговите родители, каде мајка му носи црн фустан со принт од лале. Токму тоа била и појдовната точка за оваа нова колекција. Сааб инспирирајќи се од неа и златното време на Бејрут, 1960-тите, пред 15-годишната граѓанска војна, создаде колекција која е блиска до неговиот вообичаен сензибилитет, но со повеќе новитети од очекуваното.

Ели Сааб

Така, покрај долгите тоалети во пастелни нијанси на розова, зелена, беж, со многу кристали, монистра и светки, Ели Сааб одлучи да создаде и неколку креации со принт. Иако досега го избегнуваше, бидејќи секогаш посега по едноставност и чистина, овој пат инспириран од лале-принтот, создаде совршени креации со цветен принт, со што привлече и една сосема нова група на жени, кои не се љубители на светки, но го сакаат неговиот стил. Тридимензионирани лалиња од шифон, пердуви се исто така новитет кај овој дизајнер. Пердувите уште повеќе придонесоа за гламурозноста. Речиси сите тоалети беа со џебови, уште еден нов момент, а Ели се одлучи да ја комплетира колекцијата со комбинезон и комбинација со панталони. Кога се обувките во прашање, рамните сатенски сандали беа единствениот избор.

Ели Сааб

 

Жан Пол Готје: 61 начин да се каже ДА

Ова е насловот на првата колекција на Готје по изјавата дека престанува со ready-to-wear  колекциите и се посветува на Високата мода. Ова беше негов повод да прослави, но и тест пред модната јавност, дали сè уште може да ги исполни очекувањата, дали ќе понуди нешто поинаково и ќе излезе од 1980-тите. Ако повеќето колекции имаат по една креација наменета на тема свадба, Готје овој пат има дузина. На негов начин покажа дека невестата може да носи и волуменозно здолниште од тантела, балско здолниште од тул, но исто така и шорц или фармерки. Низ целата колекција преовладува хибриди од машко-женски елементи, кои се и едни од најсилните. Во повеќе наврати можеа да се видат креации на кои едната половина им е одело со машки крој, а другата половина содржи набрано здолниште. Модните стручњаци велат дека ова е едно и од најпрепознатливите знаци на Готје, но дека тоа во исто време е веќе видено.

JPG_1297

Токму затоа, многумина сметаат дека дизајнерот не се истакнал премногу во couture делот, како и тоа дека ready-to-wear елементите оставиле силна трага врз него.  Колекцијата не можеше да помине без стандардните сатенски корсети и кринолини. Но, она што беше впечатливо е присуството на постари модели на пистата. Честа да ја затвори ревијата  ѝ припадна на Наоми Кембел, која беше завитката во целофан украсен со природни орхидеи. Наоми беше бидермаерот кој ја заокружи колекцијата.  Меѓу позитивните нешта за Готје е и веселата атмосфера за време на ревијата и искажувањето на искрени реакции, како и тоа дека со креациите и моделите на писта, таргетирал жени од различни возрасти, со различни стилови, определби, што е одличен бизнис чекор.

Жан Пол Готје

 

Љубовни букви од Валентино

Валентино

Дизајнерскиот тим на Валентино, предводен од Марија Чиури и Пјерпаоло Пиколи, на сите им понуди љубов. Темата и инспирацијата за оваа колекција е токму љубота, во нејзината најчиста форма. Тие направија патување низ времето, истражувајќи ја оваа идеја. Затоа и не е чуден фактот што оваа колекција претставува своевиден танц помеѓу модерното – претставено преку стиховите на Шекспир, Данте и Шагал, аплицирани на фустаните и историското – преставено преку кроевите, мотивите и материјалите, од кои најдоминантни се кадифето и муслинот.

Валентино

Оваа комбинација веќе стана препознатлив јазик на модната куќа, така што етно-мотивите се и очекувани кога станува збор за Валентино. Во конкретната колекција, тие се сретнуваат и на елеците, здолништата, тиролките, ракавите на кошулите... Инаку, овој етно шарм во колекцијата е инспириран од француско-рускиот уметник Марк Шагал и идилата во руските села. Покрај фустаните со набрани околувратници, застапени се и корсетите кои „го штитат срцето“.

Оваа релација помеѓу фантазијата и реалноста е претставена на маестрален, но и уникатен начин, особено имајќи предвид дека на пример за фустанот Amore биле потрошени вкупно 3.000 часа рачно везење и рачно боење на ленот од кој е направен фустанот!

Валентино

Замислата за една нежна, романтична, разиграна и динамична љубов на дизајнерскиот тим е успешно презентирана. Изработката и крајниот резултат на ќе ги воодушеват многумина.

Со оглед на тоа дека Оскарите се наближуваат, останува да видиме што од овие три колекции ќе се најде на црвениот килим на престижната манифестација, бидејќи сигурни сме дека без овие дизајнерски имиња нема да помине ниту ова издание.

Објавено:
29 јануари 2015
Категорија: 
Колекции