Четвртиот ден од актуелната модна недела во Париз посветена на висока мода помина во знакот на звучни имиња. Трендовите за пролет 2016, покрај Ели Сааб, чија колекција имавте можност уште вчера да ја видите на нашиот портал, ги претставија и „Мезон Марџела", Улијана Сергеенко, Жан Пол Готје, Виктор и Ролф, модната куќа „Валентино", како и Зухаир Мурад.
Во продолжение погледнете и прочитајте по што се издвои секоја од колекциите:
Валентино
Ако од Версаче очекуваме сексапил, женственост од Диор, луксуз од Ели Сааб, класика од Армани, од Валентино се очекува романтика. А тоа и го добивме. Инспирацијата и овој пат е во историјата, особено античката. Манекенките на писта чекореа боси, во долги креации до под, како вистински божици. Преку шминката може да се види и влијанието од јапонската култура.
Лелеави долги фустани со раскошни везови, со плисе, со мотиви на златни змии, тантелни тоалети, креации од кадифе и кафтани од тешка свила ја праваат оваа колекција уникатна. Деталите како златните круни за коса во облик на змија придонеса и за митолошка нота, а не може да не се забележат и металните ѓердани од кругови, која е воедно и декоративен ремен. И покрај тоа што има многу парчиња на кои не можеме да им одолееме, на момент се добива впечаток дека во колекцијата има и премногу мешања на материјали, украси и покрај тоа што сите ги врзува иста инспирација и приказна. Во секој случај, впечатлива колекција на модната куќа.
Зухаир Мурад
Уште еден дизајнер од кој сме навикнале да гледаме луксуз. Женствена и раскошна колекција по која речиси секоја жена ќе воздивне. Од кратки фустанчиња, со кринолина, преку оние со асиметрија во должината, до долги и лелеави, Зухаир Мурад се потруди да го задоволи вкусот на жените од повеќе возрасти. Кога се боите во прашање, палетата е богата, но воглавно пастелна, а особено впечатливи се креациите со дискретен цветен принт. И покрај тоа што е веќе видена и очекувана, оваа колекција ќе биде и тоа како посакувана.
Улијана Сергеенко
Секоја сезона Улијана Сергеенко претставува нова приказна за нејзината родна Русија. Овој пат, дизајнерката се осврна на два периода – 1980-тите, пред распадот на комунизмот и почетокот на 20-тиот век, непосредно пред руската револуција. Така, од една страна има парчиња инспирирани од руското благородништво, додека од друга страна е изобилството карнери, особено на здолништа што нè асоцираат на „џипси мода", најчесто изработени од органтин или тафт.
Жан Пол Готје
Познатиот дизајнер се претстави со колекција посветена на диско-ерата, посебно инспириран од дискотеката, односно клубот La Palace, париска верзија на њујоршкото „Студио 54". Нема потреба да се нагласува дека светлуцавите материјали и детали се насекаде. Кроевите пак се од 1980-тите, со посебен акцент на широките раменици. Клубот во кој и самиот се забавувал со уште многу познати личности меѓу кои Ив Сен Лоран, Грејс Џонс, Џери Хол, Енди Ворхол, Карл Лагерфелд, го пренесува на писта со единствена порака: „Не заборавајте да се забавувате, какви и да се времињата". А сега постои и совршена облека за тоа.
Мезон Марџела
Во духот на Џон Галијано, кој ја предводи креативата на оваа модна куќа, колекцијата за претстојната сезона изобилува со светки, сјај, брокат. Дизајнерот се потруди и овој пат да го прикаже своето кројачко умештво (што е и темата на колекцијата), па пачворк техниката се покажа како соодветна. Сепак, колку и да сме навикнале на тоа светот на Галијано да биде многу откачен, тој ја задржува лудоста, но ја скротува. Првите модели се смирени и бели, за понатаму да следи градација на модната приказна. Она што привлекува посебно внимание е надреалната шминка и чизмите што претставуваат уметност за себе.
Виктор и Ролф
Ова модно дуо нè навикна од нив да очекуваме уметност, па и овој пат ни ги исполнија очекувањата. За пролетната колекција се осврнаа на Кубизмот во комбинација со реинтерпретација на паганските идоли. Основата на сите креации се бели поло маици од платно, од кои излегуваат усни, очи, раце, облини. Со само една боја и ваква модна интерпретација на кубизмот, модното дуо вели дека создаде перформанс на скулптури. Дел од овие креации би можеле да ги видиме на Бјорк или Лејди Гага.