Последниот ден од модната недела во Париз посветена на високата мода, помина во знакот на бројни познати дизајнерски имиња.
„Валентино“, за што исто така ќе имате можност да прочитате наш осврт, потоа „Жан Пол Готје“, „Виктор и Ролф“ се дел од брендовите што ја заокружија приказната за couture трендовите за есен 2016.
Секако, крајот беше резервиран и за Ели Сааб и Зухаир Мурад. За нивните колекции читате во продолжение:
Ели Сааб и Њујорк во Париз
Ели Сааб овој пат понуди колекција инспирирана од Њујорк, што го објаснува присуството на архитектурата и птиците во креациите. Токму затоа во првиот дел доминираат тесни силуети, драпирани во горниот дел како јасна асоцијација на Статуата на слободата.
Особено впечатлив момент е што на пистата се појавија неколку идентитчни комбинации за мајки и ќерки, со што дизајнерот за првпат прикажа висока мода за деца.
Инаку, во вториот дел од колекцијата повторно можеа да се видат препознатливите широки здолништа од тул, како и светкавите и луксузни материјали по кои е и препознатлив. Посебно ни се допаднаа 3Д цветните апликации, како и такенините со принт сочинет од светкави срца, или ѕвездена прашина создадена од кристали, пердуви од ној...
Кога се боите во прашање, Сааб се задржува на нежната палета бои, каде доминираат пастелно розовите и беж нијансите, на кои пак и контрираат темносината, темновиолетовата и црната, која ја применува во креациите од кашмир.
Покрај луксузноста и нежноста, либанскиот дизајнер не заборава ниту на сексапилот, кој најчесто е претставен преку деколтеата и тесните силуети, споменати и претходно.
Зухаир Мурад и бохо couture
И додека Сааб се инспирираше од сегашноста, Зухаир Мурад создаде колекција низ која се шири духот на 1970-тите. Но, успеа ли во намерата? Со присуство на карнери, широки силуети, широки ракави, шапките како моден додаток, Мурад се обиде бохо стилот да го имплементира и во високата мода, користејќи притоа и поширока палета на бои – од црна преку црвена, сина, виолетова, розова, светлозелена, па до беж нијансите. Крајот е резервиран за гламурозен венчален фустан во златни нијанси, сосема во стилот на Зухаир Мурад.
Сепак, генералниот наш впечаток, со исклучок на неколку фустани што изгледаат како да се рачно сликани, оваа колекција е само варијација на тема на естетиката што веќе сме навикнале да ја гледаме од дизајнерот.
Во тој контекст, би кажале дека Ели Сааб овој пат има мала предност, носејќи новитети во инспирацијата, кројот и понудата.
Имајќи предвид дека дамите ширум светот, вклучувајќи ги и повеќето до Македонија се обожаватели на луксузната естетика на овие два дизајнера, не се сомневаме дека и овие колекции ќе предизвикаат воодушевување.