Ена Зафировска дизајнираше со еколошка цел: Рециклирани материјали за поздрава средина

2 ноември 2016

Иновативната македонска дизајнерка Ена Зафировска која веќе неколку години својата професионална кариера ја гради на релација Љубљана-Скопје, вчеравечер за прв пат промовираше своја колекција во рамките на Модниот викенд Скопје.

Оваа наша млада и авангардна македонска дизајнерка е препознатлива по еколошкиот и етички дизајн на нејзините колекции во кои секогаш имплементира рециклирани материјали, па не беше исклучок ниту нејзината нова линија „Black Feedback", која претходно беше промовирана со моден едиторијал.

Ревијата ја отвори танцов перформанс што беше увертира во еко-колекцијата на Ена што носеше јасна порака за нашата индивидуална одговорност во заштитата на животната средина.

-Колекцијата е инспирирана од флората и заштитата на животната средина. Како прв чекор во обидот да променам нешто направив колекција во која акцентот е на рециклираниот материјал. Хортикултурата изобилува со живописни бои и форми кои ми послужија како инспирација поливинилот да го вметнам на различни начини. Најзастапен материјал е токму поливинилот, кој е рециклиран и со тоа и додава вредност на колекцијата која е збогатена со апстрактни принтови. Спој на вистинска женска естетика и допир од уметничко дело, вели дизајнерката во описот за „Black Feedback".

Со оглед на тоа дека ова е нејзино прво претставување на Модниот викенд Скопје, ја прашавме Ена дали тоа значи дека во претстојниот период повеќе ќе се ориентира на домашната модна сцена.

- За среќа живееме во време на интернет и достапни сме во секој момент секаде во светот. Што се однесува до соработката и презентирањето на моите модели сакам да се презентирам и кај нас, но секако дека искуствата кои досега сум ги имала и надвор од државата допринеле да имам поширока визија за моите идеи, вели Ена која овој период е фокусирана на нејзините постдипломски студии во Љубљана.

Фотографиите од ревијата може да ги погледнете во галеријата погоре.

Објавено:
2 ноември 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
622 пати