Есенските рекламни кампањи го брануваат модниот етер

25 јуни 2014

Рекламните кампањи за претстојната студена сезона се во полн ек и го брануваат модниот етер. Виртуозите на модната фотографија ги овековечуваат моментите кои треба да не' пленат со само еден кадар и да раскажат приказна која е автентична, модна и уникатна. Модните куќи заедно со своите креативни тимови, максимално се посветени на изработка на концепти кои ќе бидат поинакви од се она што сме имале можност да го видиме во медиумите. Напорната работа, посветеноста и вложениот труд даваат брилијантни резултати. Еве ги првите фотографски кадри од рекламните кампањи за есен-зима 2014/15 на Џејсон Ву, Мајкл Корс и Никола Гескјер.

Џејсон Ву Џејсон Ву

Откако сексапилниот модел Андријана Лима го отвори модното шоу на Џејсон Ву кое се одржа во февруари, беше неминовна одлуката дека таа ќе биде и заштитното лице на рекламната кампања за промоција на есенската колекција. Во етерот веќе излезе првиот фотографски кадар, а главните виновници за беспрекорноста на фотографската рамка се модниот двоец Инес ван Ламсверд и Матадин Винод кои решија едиторијалот да го работат во амбиентот на хотелот Four Seasons. Соодветно на атмосферата и манекенката промовира скап, луксузен и елегантен изглед. На фотографијата Лима позира во смарагдно зелена тоалета која има странични исечоци на делот околу струкот и провокативен шлиц во предниот дел од фустанот. Идеален дизајн на композиција за сите девојки кои имаат форма на тело на песочен часовник.

Ву не можеше да го скрие воодушевувањето и возбудата за одлично сработената работа, па за медиумите изјави:

„Таа е неверојатно секси, има мистичен поглед и одлично се вклопува во мојата модна приказна.“

Следната кампања која го привлече светското внимание модната љубовна бајка на Марио Тестино кој ги овековечи фотографските кадри за есенската рекламна кампања на неповторливиот Мајкл Корс.

Мајкл Корс Мајкл Корс

Мајкл Корс реши воопшто да не го менува тимот и стилската формула која ја користеше за естетска промоција на колекцијата за пролетната кампања. Повторно среќната двојка слегува од авионот, мажот носи куп торби и романтично се доближува кон својата сакана за да ја бакне. Само наместо во прегратките на Симон Несман, Кармен Педару сега ужива во љубовната романтика на Бенџамин Ејдем .

Мајкл Корс Мајкл Корс

Сценариото е исто и успехот е загарантиран, на вас останува да одлучите кој подобро се снаоѓа во улогата на љубовник Несман или Ејдем...

Луј Витон Луј Витон

И последна, но секако не помалку важна од претходните две е новата рекламна кампања наречена „Серија 1“ на модната куќа Луј Витон наменета за есенската колекција. Интересен е фактот дека на кампањата се работеше цели шест месеци, а фотографските моменти ги уловија три ѕвездени фотографски имиња: Ени Лебовиц, Брус Вебер и Јирген Телер. Имено ова е првата рекламна кампања на Никола Гескјер откако стана креативен директор на модната куќа Луј Витон. Фотограскиот дурбин според Гескјер треба да ја прикаже модерната хероина која ќе ве освои со својот стил и изглед. Главните протагонисти во приказната се актерката Шарлот Геинзбург и моделите Лија Кебеде, Фреја Беха Ериксен и Џин Кембел која позира заедно со најновиот модел на сребрен Масерати.

Луј Витон Луј Витон

Во продолжение погледнете ги официјалните фотографии кои ќе се најдат на странците на многу светски списанија и билборди ширум градовите во светот.

Луј Витон Луј Витон

Луј Витон Луј Витон

 

Објавено:
25 јуни 2014
Категорија: 
Колекции