Додека голем број дизајнери се одлучија да одат во есктреми во нивните колекции за пролетта 2023 година, Шанел се одлучи да оди во поинаква насока и да се држи до својата потврдена формула за елеганција, формалност, смиреност и суптилност.
На овогодинешната ревија во рамки на Модната недела во Париз, моделите на Шанел беа видени во проѕирни наметки, шорцеви од твид и мрежести чорапи до колена како дел од колекцијата инспириана од филмот „Last Year in Marienbad" од 1961 година и идејата за слобода на движење.
Доминираа белата, беж и црната боја кои креативната директорка Вирџини Вијард ги преточи во твид јакни со копчиња, макси и мини фустани, кратки шорцеви и кратки костуми со широки ногавици. Присутни беа и розови нијанси, златни парчиња, полка точки, пердуви и карнери.
Колекцијата беше затворена со единечен бел макси фустан од тантела со црни детали и спуштен струк, потсетувајќи на силуетата од 20-тите и 40-тите години од минатиот век.
Парадата на црни фустани што му претходеа на овој финален изглед покажа некои невидени форми од Виард, како проѕирни поло блузи, здолништа со реси и фустани без прерамки.
Со оваа ревија Шанел докажа дека црната боја е далеку од здодевна и дека може да се користи како начин за потенцирање на текстурата. Шанел поторно се потврдува како бренд кој ја слави женственоста, со таа разлика што последната ревија понуди доста помладешки креации споредбено со поранешните.
Погледнете како изгледаше ревијата на Шанел на Модната недела во Париз.
Фото: Vogue