Вториот ден од 13-тото издание на Моден викенд Скопје заврши со ревијата на младата Ирина Тошева и колекцијата „Риза“, претставена со музичка подлога од групата „Архангел“.

Дизајнерката остана доследна на миксот уметности, па после соработката со сликарот Ване Костуранов за колекцијата „Дома“, Тошева овој пат соработува со архитект.

 

-Инспирација ја пронајдов во ризницата на национални ракотворби. Во соработка со архитектот Никола Кунгуловски, колекцијата ја екстрахира геометријата на највпечатливите везови од минатите столетија. Користејќи ги најновите технолохии за тродимензионално печатење се прави вистински превод на совршените, но и груби текстури од историјата на нашата мода. Изработката на колекцијата е овозможена од MK3D, поддржана од Министерството за култура на РМ – објаснува Тошева.

Ирина Тошева

Разиграност и многу бои е она што сме навикнале да го гледаме од неа, а така беше и овој пат. Кога се материјалите во прашање пак, акцентот како вели Ирина, повторно е ставен на природните такенини, како кепер и памук.

-Користено е машинско везење на дезените и многу рачна работа во поврзувањата на текстилот и 3д принтаните парчиња. Беше вистински предизвик 3д парчињата, кои всушност се пластика која има мала флексибилност и голема кршливост, да се внесат со практична примена во секојдневната мода – признава дизајнерката.

Токму поради сето ова, Ирина верува дека и оваа колекција ќе ја препознаат и засакаат младите генерации и сите што така се чувствуваат.

По Моден викенд Скопје, „Риза“ ќе биде преставена на уште еден моден настан, Prishtina Fashion Nights во Косово.

Ирина исто така го најави и едиторијалот за истава колекцијата, кој треба да се појави наскоро, а во кој ќе соработува со нејзиниот веќе докажан тим.

фото: FWSK

Објавено:
3 април 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
1.208 пати