Колоритна динамика во пред – зимската колекција на Кавали

28 ноември 2014

За да вметне инвентивни дезени и свежи колоритни мозаици, Роберто Кавали во новата пред – зимска колекција за 2015 година тргна од ботаничкиот пристап. Дудинките се измешаа со цветовите и змиите во графичките решенија инспирирани од барокните форми и облици кои се аплицирани на предимензионираните модели на панталони со макси ногавици и на фустаните изработени од вискоза, но и на памучните џемпери кои дополнително ги освежија изгледите во новата пред - зимска колекција за 2015 година на Кавали.

Ако главниот инспиративен стимул во колекцијата на Кавали за пролет – лето 2015 е боемскиот шарм и лелеавите конструкции, тогаш во новата пред – зимска колекција 2015, дизајнерот одлучи да се инспирира од 1970 – тите години на минатиот век. Резултатот се главно свилени креации со меки и лелеави линии, едноставни кроеви, богат колорит, предимензионирани изгледи, неверојатна удобност, која овозможува лежерен и сигурен чекор. Како и кај другите дизајнери и Кавали понуди интересни дизајни на крзнени еднобојни но и колоритни бунди кои одлично ја нагласуваат гламурозноста и женствената елеганција кај секоја дама.Пастелните розови и сини нијанси одлично контрираат со острите црно - бели тонови и на визуелот му даваат една поинаква димензија особено со вметнувањето на метални додатоци во форма на ремени особено кај панталоните.

Она што плени на прв поглед кај оваа колекција е што низ неа струи младешки дух и свежа енергија, а впечатливиот колорит и дава неверојатна динамика со спортско елегантен призвук.

Објавено:
28 ноември 2014
Категорија: 
Колекции