Сиот раскош на женственоста во новата колекција на Оскар де ла Рента

14 февруари 2018

Во новата зимска колекција на Оскар де ла Рента се пресретнуваат основната женствена естетика од почетоците на брендот по кои стана и препознатлив и новиот и свеж млад дух што со себе го донесоа старо-новите дизајнери кои втора година по ред се водечки лица на креативниот менаџмент, Лаура Ким и Фернандо Гарсија.

Од една страна е задржана добро познатата елегантна линија на силуетите кај која во преден план е женственоста со сиот свој сјај, а од друга страна исто толку е присутна и видлива потребата на дизајнерите да внесат современа нота и динамика преку изборот на материјали како транспарентен тул или плетенини, како и разиграните принтови присутни на лелеавите здолништа, капутите и романтичните фустани.

Спојот на „стариот" и „новиот" Оскар де ла Рента носи една нова, возбудлива приказна која ја скокотка љубопитноста, но истовремено ја задржува основната дизајнерска нишка од препознатливиот карактерен ракопис на брендот.

Фото извор: Vogue.com

 

Објавено:
14 февруари 2018
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
551 пати