Откако познатата хрватска дизајнерка Александра Дојчиновиќ почна самостојно да ги прикажува своите ревии, нејзините обожаватели навикнаа на тоа таа постојано да ги изненадува со изборот на локации.

Последната нејзина ревија која се одржа неодамна беше вистинско патување, со оглед на тоа што таа ги однесе сите нејзини гости со воз на саканата дестинација каде се случи и ревијата.

Таа ги поведе гостите од Западната па сѐ до Главната железничка станица во Загреб каде се одржа ревијата за која многумина ќе кажат дека била спектакуларна.

Со изборот на местото и целото патување што таа им го овозможи на присутните, Дојчиновиќ повторно му оддаде почит на нејзиниот роден Загреб и познатата историска железничка станица од каде всушност започнале многу патувања уште од далечната 1890 – та година.

Од друга страна, дизајнерката сакала да предупреди и на проблемите со кои во поновата историја се соочува железничкиот сообраќај во Хрватска и колку тој е всушност важен за земјата.

Колекцијата што таа ја прикажа во Главната железничка станица е наменета за сезоната есен/зима, а во истата смести неодоливи парчиња од фантастични материјали со уште подобра изработка.

Дел од колекцијата се и парчињата инспирирани од Големиот Гетсби и 20 – тите години од минатиот век, но и долги, гламурозни фустани за посебни прилики.

Дојчиновиќ создаде и одлични зимски палта надополнети со разни украси, како и фантастични бунди во боја кои таа ги комбинираше со романтични фустани и впечатливи чевли.

Сосема на крајот и самата дизајнерка се појави во креација од нејзината колекција која се чини беше и една од највпечатливите, а станува збор за фустан до глуждовите во неодолива сребрена нијанса.

Погледнете ја атмосферата и дел од колекцијата на Александра Дојчиновиќ.

Фото: Fashion.hr/Index.hr

Објавено:
17 мај 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
201 пати
Извор: 
index.hr