„Луј Витон“ и „Миу Миу“ за крај на Париската модна недела

6 октомври 2016

Со ревиите на „Луј Витон“ и „Миу Миу“ вчера заврши модната недела во Париз, каде беа претставени трендовите за следната пролет.

„Луј Витон“

Никола Гескје одлучи да ја смени локацијата, па вчерашната ревија се одржа на плоштадот „Вендом“ во Париз.

Дизајнерот за следната пролет се инспирира од 1980-тите, па влијанието е видливо, особено во јакните и палтата со широки раменици, а во комбинација со тесни панталони. Посебен акцент е ставен на косо кроените фустани, со асиметрични принтови. Осумдесетите се видоа и во парчињата со златен и сребрен металик сјај.

Она што можеби не се очекуваше од дизајнерот, а го покажа вчера се транспарентните парчиња. Модните стручњаци ќе кажат дека со асиметричноста и вметнувањето на изразениот сексапил, Гескје прави чекор нанапред.

Особено внимание ни привлекоа и модните додатоци што дефинитивно би сакале да ги имаме. Иако не сме сигурни дали сосема ни се допаѓа новиот Гескје, сепак добро е некогаш да се излезе од шаблонот за да видиш во што си најдобар.

 

„Миу Миу“

За разлика од нејзиниот колега, Миуча Прада пак одлучи да остане во препознатливиот стил. За следната сезона, таа понуди колоритни парчиња, што навистина асоцираат на лето, а блиски на естетиката на 1960-тите и 1970-тите.

За тоа придонесоа и модните додатоци, особено цветните капи, карактеристични за споменатите декади.

Тие се комбинирани со кратки комбинезони, фустани, костими за капење... Впечатливи се и оделата на риги, како и капутите од кожа во живописни бои – сина, црвена, жолта, портокалова и со многу текстура, што и се очекува од дизајнерката. Во ист манир се изработени и веселите фротирски наметки.

Обувките беа апостолки, уште еден синоним за лето, кои исто така беа збогатени со предимензионирано цвеќе, пластично, кое го гледаме и на парчињата.

Без разлика дали ќе ви се допадне ова што Прада го направи, мора да се признае дека таа излезе од шаблонот на презентација што го гледавме деновиве, па со тоа успеа да го добие потребното внимание и од медиумите и од клиентите.

Објавено:
6 октомври 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
429 пати