Втората самостојна колекција на Пјерпаоло Пичоли за Валентино откако Марија Грација Кјури го напушти брендот, како што сите очекуваа е и повеќе од магична.

Неговото патување како самостоен дизајнер на еден од најголемите светски брендови го одведе на едно малку поинакво ниво кое дефинитивно им се допаѓа на сите.

Во едно интервју направено пред ревијата, тој ќе каже дека му е особено драго што колекцијата ќе ја прикаже во Њујорк како едно од местата на можностите, место каде што соништата се остваруваат.

И се чини дека така и беше. Дизајнерот кој успешно ја продолжи приказната која 17 години ја создаваше со неговата партнерка Марија Грација Кјури, прикажа бајковита колекција со примеси на совршено одбрани парчиња од уличната мода.

За неговата пред есенска колекција за 2017 година тој создаде малку поинакви, кежуал парчиња за што ќе каже дека понекогаш и на секојдневната облека мора да и се додаде малку магија.

Она со што тој воодушеви беа лелеавите цветни фустани по кои инаку е познат, кои овој пат ги комбинираше со елегантни високи чизми со кои стајлинзите изгледаа неодоливо.

Како и секогаш, дизајнерот се потруди материјалите и принтовите да бидат совршено одбрани и претворени во парчиња која секоја девојка ќе ги посака.

Интересни беа и плетените градници кои тој ги смести врз нежните фустани, но и фантастичните капути со крзно врз лежерните фустани во нежни бои.

Веќе за следната недела тој го закажа неговото прво самостојно шоу на кое ќе ја изложи машката колекција и онаа за висока мода за кои знаме дека ќе бидат и повеќе од одлични. 

Објавено:
12 јануари 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
456 пати