Марјан Пејоски го миксаше античкиот и модерниот спортски дух за летната линија на KTZ

17 јуни 2014

Етаблираниот македонски дизајнер Марјан Пејоски кој подолго време успешно твори во британската престолнина, вчера ја презентираше својата пролетна машка колекција за 2015 година на Лондонската модна недела за мажи.

Модната писта беше трансформирана во спортски терен кој динамично го спои духот на античките и модерните спортски дисциплини преку 46-те ексклузивни дизајнерски комбинации, во кои доминираше двојната црно-бела варијанта препознатлива за Пејоски, а која во вториот дел од линијата премина во црно-портокалова двојност.

Античкиот спорт доби една футуристичка димензија преку енергичниот спој на гладијаторските здолништа и предимензионираните гладијаторски сандали со висока платформа, боксерските шорцеви и наметки со принт од антички монети како и капчињата кои потсетуваа на императорските шлемови.

Урбаниот микс е воочлив во секој момент од уличната мода која ја преферира македонскиот дизајнер: омилените широки панталони, кожените ракавици без прсти, но и масивниот накит повторно инспириран од античкиот период, кој беше една од фокусните ноти на колекцијата.

Објавено:
17 јуни 2014
Категорија: 
Колекции