Машка боемска екстраваганција на Барбери

13 јануари 2015

Зимскиот херој од пистата на Барбери чекор по чекор го претстави ослободениот маж кој е подготвен јасно да го интерпретира својот автентичен  и боемско елегантен стилски печат. Колекцијата на дизајнерот Кристофер Бејли за студената сезона од 2015 година беше поинакво доживување во поглед на машката мода.

Јасно нагласениот баланс меѓу елеганцијата и слободниот боемски израз финализираше со необични и поинакви машки изгледи. Креативниот сензибилитет на Бејли овој пат беше комплетно насочен кон мажите што се сигурни во својата модна автентичност, изразена преку класичниот фазон декориран со многу весели бои и спој од принтови.

За момент оваа колекција не потсети на пасијата на Кавали кон принтовите, кои во овој случај се застапени во повеќето изгледи, слоевито комбинирани со дебели зимски материјали како кадифе, штоф и крзно.

Храбрите алтернативци  за студената сезона воопшто нема да ја сокријат желбата за нагласување на својата индивидуалност и акцентиран интелигент.  Цветните и етно принтови, масивните наметки со реси, волнените елеци и карактеристичните земјени нијанси, директно ја отсликаа инспирацијата на дизајнерот со неговиот роден крај- Источен Јоркшир.

За модната приказна да биде уште повпечатлива, на пистата моделите ги придружуваше и музика во живо која ја надополни визијата на дизајнерот за засилено пулсирање на модата која ја презентира.

Оваа колекција освен на мажите, сигурно ќе им се допадне и на припадничките од понежниот пол, особено поради неодоливите понча, шалови, елеци и чантите со реси.

Објавено:
13 јануари 2015
Категорија: 
Колекции