Рикардо Тиши доаѓа во „Барбери“

1 март 2018

Рикардо Тиши доаѓа на местото на Кристофер Бејли во „Барбери“ е една од најактуелните вести во модната индустрија деновиве.

После 12 години на позицијата креативен директор во „Живанши“, Тиши ќе се обиде да ја подобри и освежи креативната енергија во „Барбери“. 

Веста доаѓа како изненадување, бидејќи ниту најголемите модни стручњаци и инсајдери не претпоставија ваков развој на настаните.

Како и да е, Рикардо ќе ја започне својата работа во луксузниот британски бренд месецов, а неговата прва колекција за „Барбери“ со негов потпис ќе биде презентирана во септември годинава.

За потсетување, Бејли во „Барбери“ на позицијата креативен директор беше 17 години. 

Задоволството за новата соработка го изразија и двете страни.

„Рикардо е еден од најталентираните дизајнери од новата генерација. Неговите дизајни содржат современа елеганција, а вештината што ја поседува во комбинирањето на уличната со високата мдса е релевантна за луксузниот потрошувач на денешницата. Веруваме дека креативната визија на Рикардо Тиши ќе ги зајакне амбициите за „Барбери“ и позицијата што ја има во модниот и светот на луксузот“, изјави во соопштението за јавност, Марко Гобети, извршниот директор на британскиот бренд. 

Инаку, Гобети претходно работел токму за „Живанши“, заедно со Тиши.

Дизајнерот пак, потврди дека е воодушевен од новиот предизвик.

„Чест ми е што ќе се придружам на тимот на „Барбери“, како нов креативен директор и што повторно ќе се обединам со Гобети. Имам огромна почит кон британкото наследство на „Барбери“ и возбуден сум за потенцијалот на овој неверојатен бренд“

 

Објавено:
1 март 2018
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
156 пати