Се ближи финалето на модната недела во Њујорк, но возбудата не стивнува. Вчерашниот, осми ден, повторно беше во знакот на познати имиња, но посебно внимание се посвети на пролетната колекција на брендот Оскар де ла Рента.

Питер Копинг повторно му оддаде почит на големиот дизајнер, создавајќи колекција што ќе го отслика.

Во ентериерот претворен во топла и пријатна соба, особено внимание привлекоа интенивно розовите столови, на кои беа оставени каранфили. Инаку, цутот на овој цвет е еден од омилените на Де ла Рента, како и цвеќето генерално, па Питер Копинг го примени тоа на повеќе нивоа.

Освен во декорот, формата на каранфилите во црвена и бела боја беа имплементирани и во креациите. Наследникот на Де ла Рента најмногу се осврна на младоста на легендарниот дизајнер, односно на шпанскиот период. Влијанието од Шпанија се гледа на повеќе нивоа, од еспадрилите до пелерините.

Како моден додаток се провлекуваат тенките црни панделки, како на креациите, така и во косата.

Шпнаскиот, поточно мадридскиот период на Оскар де ла Рента е значаен поради тоа што тогашниот млад дизајнер добива шанса да работи за Кристобал Баленсијага. Но, покрај тоа, едно од нештата значајни во животот на Де ла Рента, а живо опишан во неговата автобиографија е моментот кога ја среќава Ава Гарднер и ја прашува за танц. Токму тој момент Питер Копинг го пренесува во оваа колекција со гламурозни, а сепак романтични, темни креации, во кои можете да ја замислите убавата актерка.

Колекција е исполнета со женственост, романтичност и гламур, и емотивност што ја отсликува оваа модна куќа.

 

Објавено:
16 септември 2015
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
444 пати