Долгоочекуваната и една од најдобрите модни недели во светот – Њујоршката, започна вчера со фамозен старт каков што и се очекуваше. Иако боите што преовладуваа кај скоро сите дизајнери, беа доминантно светли и соодветни за сезоната пролет – лето 2015, големиот Николас К. во својата понуда имаше нешто потемни бои, но подеднакво добри модели како и останатите.
Nicholas K.
И додека говориме за неговите кул и урбани модели кои на неверојатен начин ја претставија жената – воин на денешницата и нејзината огромна моќ, на пистата имаше нешто на што ние особено се радуваме. Дел од неговата ревија беше прекрасната македонска манекенка Елена Трајановска која изгледаше неверојатно светски, облечена во моделите од пролетната палета на дизајнерот. Следната сезона, од она што можевме да го видиме на пистата, дизајнерот ги замислува неговите жени облечени во потемни бои од вообичаено со многу удобни куси и долги широки панталони, свилени лежерни блузи во неколку бои, фустани и палта со сосема поинакви, моќни кроеви, но и гладијаторски модели на чевли со многу врвци. Најголем впечаток од сѐ се чини оставија уникатните марами и модни додатоци, како ремените што раскажуваа поинаква приказна на пистата, но и алките и појасите со додатоци со реси налик на коњски опаши. Очилата за сонце беа дефинитивно нешто за што особено за „шушкаше“ во публиката, а како и сѐ останато, така и тие беа вистински олицетворение на силна, моќна и уникатна жена која е подготвена да освојува следната пролет!
BCBG Max Azria
Како што веќе знаеме и очекуваме, невозможно беше и овојпат на пистата да не видиме дел од совршената боемија во чија закрила живеат уникатните сопружници Макс и Лубов Азриа, а која ја преточуваат на пистите како што никој друг не умее. Совршената едноставност, но сепак неодолива уникатност на моделите што тие ги претставија за пролетната сезона, уште еднаш ги обзема сите оние што се вљубени во креациите на брендот. Палетата на магичните светли бои неверојатно се соедини со креациите кои беа олицетворение на елеганцијата, луксузот и шармот со кои располага секоја жена на планетава. Што се однесува до материјалите, на пистата можевме да видиме магична свила, софистициран и висококвалитетен жоржет преточен во долги, лелеави и лежерни фустани што го одземаа здивот, но и строги комбинезони, панталони до колената и моќни бели куси јакнички. Гламурозното шоу исполнето со фасцинантни форми на креативни парчиња, дизајнерите го завршија со серија свилени, лелеави фустани во неколку нежни бои како светло розовата и одличната сина со што уште еднаш ни докажаа дека се вистински „Калифорниски сонувачи“.
Creatures of the wind
Шејн Габер и Крис Петерс својата пролетна колекција ја нарекоа „Фата Моргана“ – сакајќи да ги прикажат новите, супериорни форми што тие на посебен начин успеаја да му ги претстават на светот (или барем на публиката на нивната ревија). Нивната целосна идеја за оваа колекција била на своите обожаватели да им прикажат најразлични форми на предмети за кои знаат дека ги виделе некаде, но не знаат точно каде и на што истите ги потсетуваат, и да ги преточат во интересни носливи модели. Според крајниот резултат што тие вчера го прикажаа во Њујорк, се чини дека нивната идеја успеала, со оглед на тоа што тие претставија навистина интересни модели, додавајќи му на интелектуалниот шик изглед една доволна доза на софистицираност. Дизајнерите за следната пролет предлагаат интересни куси јакнички и палта со одлични сини, цветни принтови, панталони во боја со одличен крој, фустани како комбинација од спортски со елегантни моменти во јака црвена боја, но и здолништа до колената со интересен и поинаков крој. Еден момент што не смееме да го заобиколиме, а сосема соодветствува со името на колекцијата „Фата Моргана“, е тоа што црвениот фустан неодоливо потсетуваше на комбинациите што „Прада“ знае да ги спои, но сепак, можеби тоа беше само „привидение“.
Тадаши Шоји
И додека сите посетители на првиот ден на Њујоршката модна недела беа во исчекување на изненадувањето на денот, тоа конечно се случи со ревијата на дизајнерот со јапонско потекло, Тадаши Шоји кој пистата ја претвори во рај за очите. Без ниту еден погрешен модел, креативниот Јапонец со американска адреса, на пистата ја прикажа убавината на „Златната Палата“ во Венеција, преточена во фустани од кои застанува здивот. Секој еден модел од колекцијата на јапонскиот дизајнер беше олицетворение на женскиот шарм, елеганција, софистицираност и нежност прикажани од совршен машки агол. Дел од колекцијата беа фасцинантни црни фустани од уникатна тантела и транспарентни делови, гламурозни наметки во комбинација со раскошни долги бели и златни фустани, но и шик винтиџ лелеави фустани со интересен вез во горниот дел и магична свила пуштена во слободен пад надолу. Покрај неверојатно елегантните фустани за на црвениот килим, Тадаши прикажа и некои поедноставни модели, иако далеку од обични, но сепак носливи – долги, лелеави фустани од жоржет со интересни принтови, без, но и со долги ракави и со креативни јаки на пруги. Сакајќи да им го даде сиот гламур на своите модели, дизајнерот се одлучи за едноставни рамни сандали како комбинација и нежна и едноставна шминка и фризура со едноставни, скоро незабележителни обетки.
Desiqual
Одличниот шпански бренд Desiqual уште еднаш докажа дека добро знае да ја искористи соработката со големиот Кристијан Лакроа и да создаде неверојатна пролетна бајка за сите романтичарки и девојки и жени со свеж и забавен дух. Со нивната омилена Адриана Лима како предводничка на прекрасните девојки на пистата, кај нив како и секогаш, видовме свежи и магични летни цветни принтови скоро во секој модел што го прикажаа. Покрај цветните и неверојатно колоритни принтови прикажани преку лежерните и лелеави куси и долги фустани, комбинезони, одлични кошули и здолништа, дел од колекцијата беа и фасцинантните шпански принтови кај некои од креациите кои оставија одличен впечаток. Особено впечатливи и неверојатно прекрасни беа круните од цвеќиња што ги носеше секоја девојка на главата, додека се шетаа низ пистата неверојатно ведри и насмеани прикажаувајќи ги одличните модели на брендот. Во духот на целата колекција, дизајнерите од брендот прикажаа колоритни волуменозни чанти, неверојатно летни големи обетки, и сандали со висока потпетица во прекрасни бои!
Creatures of comfort
Со самото име што го носи брендот, не можевме ниту да очекуваме нешто поинакво освен – извонредна удобност! Дивината и соочувањето со новите предизвици им послужила како инспирација на одличните Creatures of comfort. Дел од колекцијата беа многу лесни и ленени широки панталони и здолништа, комбинирани со тексас кошули и блузички со реси што потсетуваа на Дивиот запад, со помалку нежен пристап. Особено фасцинантно беше тоа што дизајнерите комбинациите ги надополнуваа со старки со што на секој еден стајлинг тие дадоа неверојатна доза на удобност и лежерност на каква што се навикнати нивните обожаватели. На оние комбинации каде немаше старки, главна улога имаа ниските сандали со интересни детали, но и оние сосема обичните во одлични бои. Во неколку наврати, брендот прикажа долги мантили совршени за на пролет, но и супер скроени елечиња и џемперчиња носени и комбинирани на различни начини. Боите, како и кај скоро секоја друга колекција, беа тотално неутрални, предводени од белата, нежната сина, кремот, розовата и по некое парче во темно зелена боја.
Honor
Колекцијата на Џована Рандал за брендот беше помалку необична, но совршена афера! Со оглед на тоа што некако навикнавме да ја гледаме како крои парчиња за Лана Дел Реј во помалку чуден стил, овојпат, дизајнерката прикажа совршена мистична и женствена доза на елеганција на пистата. Долгите свилени бели фустани со совршено деколте беа основа на целата колекција, за која мора да признаеме дека беше подобра од кога и да е. Низ целата колекција, на еден елегантен начин се провлекуваа луксузните детали како аплицираните ѕвона кај парчињата, но и луксузните парчиња од тантела поставени на цветните палта и фустани. Дефинитивно интересни беа ниските чевли со шпиц, панделка и транспарентен дел што ги носеа скоро сите модели. Од сите дизајнери што прикажаа колекции на првиот официјален ден од њујоршката модна недела, единствено кај Honor можеше да се види сосема поинаква шминка составена од едноставна сина впечатлива линија кај манекенките која даваше совршен баланс и урбан шик на секоја една од креациите што беа прикажани на пистата.