Модно деби на курсистите од „Кариера плус“

13 јуни 2017

На прагот помеѓу пролетта и летото, триесетина талентирани македонски креативци го најавија својот процут во светот на модата и убавината, осликан во едиторијалот со нивните премиерни изработки.

Фотосесијата претставува завршен проект на студентите во „Кариера плус", специјализираниот едукативен центар за креативни и практични курсеви од областа на модата и убавината, што традиционално се одржува на крајот од секој семестар.

Облеката и аксесоарите се дело на курсистите по моден дизајн, моделирање, кроење и шиење, како и техниката мулаж (работа на кукла), создадени под менторство на нивните предавачи, а со поддршка од колегите на курсевите по шминка и фризура, за комплетирање на изгледот на моделите.

По 4 учества на Моден Викенд Скопје, 7 сезонски фотосесии и повеќе од 30 успешни соработки со веќе етаблирани поединци или групации во сферата на модата и убавината, од тимот на „Кариера плус“ истакнуваат дека истите не само што се мошне продуктивни за пробив и афирмација на младите и перспективни имиња, туку и испорачуваат квалитет на домашната сцена:

„Креативноста е дар кој треба да се негува, храни и стимулира континуирано, со љубов и посветеност. Нашата мисија е да не застанеме онаму каде завршуваат обуките туку да ја разграниме креативноста и професионалноста со учество на курсистите на различни модни настани и проекти. Да потврдиме дека вештините кои се учат во нашиот центар се практични, а професионалците кои излегуваат од кај нас се подготвени за работа, во вистинска смисла на зборот."

Од свечени тоалети до урбана елеганција, во дебито на новиот бран млади креативци се слави различноста и шареноликоста во модната експресија. Секоја од креациите е приказна со автентичен призвук, наговестувајќи го стилскиот израз и визијата што секој од нив - како иден професионалец има да ги понуди за освежување на македонската мода.

Објавено:
13 јуни 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
1.444 пати