Музички омаж во колекцијата за мажи на Долче и Габана

20 јуни 2016

„DG Musica" е насловена новата колекција за мажи од продукцијата на италијанското дуо Долче и Габана, која беше прикажана завчера во рамките на Миланската модна недела за мажи.

Првиот впечаток за оваа линија за мажи за сезоната пролет-лето 2017 е дека се работи за колекција во музички ритам прикажан преку модниот омаж на различни музички правци: од џез до рап.

Музичките референци се провлекуваат во дизајнот на целата колекција, почнувајќи од принтовите со музички инструменти па се до апликациите и везовите на  јакните.

Колекцијата е претежно во игра на контрасти помеѓу црно и бело, а она што исто така остава впечаток, е тоа што дизајнерите должината на класичните панталони ја скратиле до над глуждот, а популарниот пижама аутфит доби и своја машка верзија.

 „Касетофон" чантата ќе биде апсолутен хит следната сезона, со оглед на тоа дека пред да ја видиме во шоуто на Долче и Габана, ја видовме и во ресорт колекцијата на Луј Витон.

Синот на Синди Крафорд, Присли Гербер ја отвори ревијата, облечен во тесен црн костум со принт со ситни точки, што даде дополнителен предизвик да се зборува за ова шоу на италијанската модна куќа.

 

Објавено:
20 јуни 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
74 пати