Модната недела во Париз е во тек, а вчерашниот ден го затвори ревија на модниот бренд „Сен Лоран“. Ентони Вакарело ја претстави колекцијата за следната сезона, пролет/лето. 

Нова, колекција, нова сезона, но ист  „Сен Лоран“. Кога ја гледате колекцијата добивате чувство на дежа ву. Местото на одржување, под Ајфеловата кула, остана исто. Манекенките чекореа по писта со вода, а креациите што ги носеа го имаа речиси идентичниот моден израз како на претходната.

Генерално, Ентони воопшто не отстапи од својата препознатлива естетика. Повторно доминираа црни креации, најчесто изработени од кадифе. Она што остана исто е и должината и истакнувањето на сексипилот. 

Најголемиот дел од креациите беа ултра кратки, како што и инаку се очекува од овој дизајнер. Исто така, последниот дел од ревијата беше резервиран за транспарентни ткаенини и модели, како и светкавите елементи.

Оделата како инспирација повторно доминираа, и фустаните со панделки. Шорцевите беа едни од најдоминантните парчиња во колекцијата, а можеа да се видат во повеќе верзии, од црна, преку црвена, до златна. 

Ако судиме по оваа ревија, леопард принтот нема да е хит само во актуелнава сезона, туку ќе се задржи на врвот и во пролетната. Обувки со леопард принт беа дел уште од првата комбинација која се појави на пистата, но кафтани, костими за капење и лелеави фустани исто така имаа значајно место во колекцијата.

Вниманието го привлекоа и гостите од првите редови, од Селма Хаек, преку Синди Крафорд и Кејт Мос.

Крајниот заклучок е дека колекцијата има комерцијална нота и веќе виден моден и естетски израз. Публиката ќе ја прифати, но како модната критика ќе изреагира на повторувањето на Вакарело, останува допрва да видиме.

Објавено:
26 септември 2018
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
228 пати