Есенската колекција на познатиот британски бренд Pepe Jeans претставува одличен сублимат на парчиња кои со сигурност ќе го обојат вашето дневно, но и вечерно секојдневие.
Новото/старо заштитно лице на брендот Pepe Jeans е британската „IT“ девојка Кара Делевињ, која за снимањето на најновата кампања позираше пред фотообјективот на Марио Соренти. Кампањата ја следи новиот лукбук во кој се прикажани парчиња облека од сите линии: Warhol, Pоrtobello, I’m With The Band, Essentials и Brit Idols.
Препознатливи по својот урбан стил кој е инспириран од живописната мода низ британските улици, Pepe Jeans и во најновата колекција презентира голем број едноставни парчиња облека кои совршено ќе се вклопат со останатите „модни состојки“ кои се кријат во вашиот гардеробер. Како приоритетни се издвојуваат удобните плетени џемпери, кошулите, особено оние од џинс, фармерките, јакните и блузите.
Она што е интересно е дека во фокусот се популарните „boyfriend“ фармерки. За дамите кои повеќе ги преферираат фустаните, дизајнерскиот тим на Pepe Jeans подготви дневни и вечерни комбинации кои се одликуваат со опуштени кроеви, но сепак се доволно заводливи и соодветни за да бидете вистинска кралица на ноќните забави. Ако ваш моден фетиш се чизмите, тогаш есенската понуда на брендот дефинитивно ќе ја задоволи и таа ваша потреба. Како фаворит број еден се кратките чизми кои се карактеризираат со минијатурна потпетица во форма на коцка. Овој модел на обувки одлично ќе се вклопат во дневните варијанти и ќе ви дадат шмек на гранџ урбана девојка која комплетно соодветствува со британскиот стил на облекување.