Одберете си уникатно парче од шик супермаркетот на Шанел

4 март 2014

Се чини дека никој никогаш не видел толку многу тренди жени во исто време во еден ист супермаркет. Да бидеме прецизни, супермаркет на Шанел. Ова утро, единствениот Карл Лагерфелд за којзнае колкава цена, го претвори Grand Palais во Париз во шик супермаркет како од соништата.

Во супермаркетот, на едно место можеа да се најдат брендирани Шанел производи почнувајќи од средства за чистење, чоколади, житарици, чипс па сѐ до средства за хигиена.

На ритамот на музиката на Ријана и Лејди Гага, дизајнерот престави ултра колоритна колекција, со интересни, на моменти ретро парчиња. Ревијата ја отвори миленичката на Карл, Кара Делевињ во тесни розови панталони со дупчиња и краток топ во ист стил во комбинација со колоритен капут и секако – патики!

Волуменозните капути во боја на најубавите слатки на светот беа комбинирани со металик панталони и светкави куси блузички во разиграни бои. Како што и досега се навикнати, и во оваа колекција дизајнерот креираше беспрекорни женски ретро костими во прекрасна розова, темно црвена и бела боја.

 

И во оваа колекција забележителен беше трендот на здолниште или фустан врз панталони, па така тоа можевме да го видиме во неколку комбинации. Сите модели носеа патики, како што тоа беше случај и во претходната колекција на Шанел, а друштво им правеше и шармантната Ријана која ги бодреше своите миленички од првиот ред во виолетова комбинација и патики во иста боја.

Она што е особено интересно е тоа што во оваа колекција, парчиња за себе може да најдат жените од 18 па сѐ до 80 години во кои ќе изгледаат супер шик следната есен.

Нешто што можеби го расипа целиот впечаток на инаку одличната ревија, беше крајот кога буквално сите присутни не можеа да им одолеат на Шанел производите во уникатниот супермаркет, па веднаш се разграбаа и дома си заминаа со полни раце!

 

Објавено:
4 март 2014
Категорија: 
Колекции