Во септемвриското издание на италијанското списание Marrie Claire седумнаесет модели ќе ја раскажат модната приказната на новата есенско зимска сезона. Која манекенка сакате да се најде на насловната во септември? Која тенденција би била најадекватна за одбележување на стартот на студената сезона?
Оставете да ве понесе духот и потпрете се на новиот инспиративен проект кој го организира италијанското списание Marrie Claire, кое за септемвриското издание ви подготви седумнаесет нови лица на модели кои за прв пат ќе го означат своето појавување токму тука. Сите во свој стил ја покажаа својата женственост, грациозност и суптилност. Селекцијата ја вршеше Ивана Сперничели, заедно со фотографот Тиери Легос. Во продолжение ѕирнете мал дел од портфолиото на овие ѕвезди кои допрва ќе ги освојуваат модните писти и фотообјективи.
Charon Cooijmans. Доволно е да ве погледне и со нејзините очи да ви ја пренесе чудната сензуалност на нејзиниот дух. Таа е Германка и токму неа и беше доделена честа прва да ја отвори оваа модна историја. Нејзината појава прв пат на ТВ екраните ја донесе реномираниот бренд за декоративна козметика L’Oreal, ангажирајќи ја во неколку кампањи. Беше дел од моделите кои настапија на ревијата на Issey Miyake. На сликата е прикажана со минимална шминка, голи раменици, влажна коса со акцент на нејзините длабоки сини очи. Вистинска зимска сирена.
Agnes Nabuurs. Ја запознавме од рекламата за Tech Fusion, под менторство на Елизабета Масари каде холандската моделка танцува во облека од свила проследена со цветен дезен на наметки, зачинет со нејзините сини очи. Зад себе веќе ги има насловните на L’Officiel, американски и кинески Vogue, што се само потврда дека нејзиното време допрва доаѓа.
Li Xiao Xing. Таа е број еден помеѓу кинеските модели. Можевме да ја видиме на ревиите кај Хермес, Мулбери и Балман. Секогаш божествена, со строг чекор и голем зависник од чоколада и страстен приврзаник и почитувач на сопствената култура и традиција. На сликата носи шапка бретели и машна, претставувајќи го новото ДНК на чистата, софистицирана и гламурозна елеганција.
Nikola Romanova. Апсолутен дебитант, со стил на колеџ девојка, задачата на Nikola Romanova е да го освои италијанското тло со ткаенини од твид и карирани дезени. Моделот има земено учество во модните ревии на DKNY, Just Cavalli и Dior, кои и беа отскочна даска за обезбедување пласман и позиција меѓу новите кои допрва треба да го освојат модниот свет.
Emma Oak. Пораснала во Виборг, Данска, Ема покрај неколкуте учества на модните писти, продолжува да биде маѓепсана од моделите на нејзиниот омилен дански дизајнер Bruuns Bazar. Креаторот за Ема вели дека таа е негова модна икона и модел кој дефинитвно ќе се искачи на врвот. Неминовна е нејзината сличност со музата на Карл Лагерфелд, а на страниците на Marrie Claire ќе се појави во златни нијанси, транспарентни парчиња кои најавуваат максимално турбулентна зимска сезона.
Leah de Wavrin. „Јас сум голем љубител на дебатите“, со насмевка вели смирената Леа, една од девојките која и според констатацијата на Тиери Легос најдобро го доловува и отсликува модниот свет ама давајќи комплетна целина. Природна, сончева, со кралски манири, многу едноставна , таа е долгогодишна ѕвезда во шоуто „Cool Britannia“, ја обожава Кина, родена е во Франција, а сега заради студиите се преселува во Италија. Таа знае како да ја раскаже приказната за стилот, модата, убавината и трендот. Сите типуваат на тоа дека таа ќе биде новата модна икона и ѕвезда на модните писти шоуа и едиторијали.
Yulia Serzhantova. Таа е муза на Nicolas Ghesquere дизајнер кој ја побара исклучиво неа за заштитно лице на дел од своите колекции. За Marrie Claire носи фустан изработен кожурец, кој всушност го нагласува ефектниот момент во која насока треба да се движат тенденциите за наредната зимска сезона.
Caterina Ravaglia. Обожава да сурфа и да пие вино. Таа едноставно ги бранува модните писти. А и не е случајно , оваа ѕвезда носи етикета „made by Italy“. Неодамна се здобила со диплома на факултетот за био науки и заминала за Њујорк каде сакала да си проба среќата во модната индустрија. Вели ако не успее во оваа професија ќе се посвети на проучување на уметноста на виното. Секогаш има темен тен и совршен изглед. За оваа фотосесија обвиткана е во бело крзно кое го доловува ефектот на лебдење во облаците, нејзините светли очи го будат животинскиот инстинкт , правејќи го нејзиниот поглед моќно оружје со кое сите ги освојува и покорува. Горда, љубопитна, свежа и дрска. Совршена италијанка.
Nouk Torsing. Оваа Холанѓанка покажа дека ренесансниот изглед сеуште доминира во модниот свет. Силни фацијални карактеристики, бела кожа сини очи, црни веѓи и црна коса, со румени образи. Чистина како два извора среде ледена планина. Нејзината улога е да ги збуни сите со својата појава.
Elena Melnik. Тери Ричардсон ја фотографираше за кампањата на Лакоста. Русинка во срцето на „Големото Јаболко“. Таа знае како да биде женствена, прониклива и заводлива.
Asia Piwka. Лице на кукла со маркантни и единствени контури на нејзината силуета. Во биографијата на овој модел во рекордно време се најдоа учествата на ревиите на Томи Хилфигер, Марк Џејкобс и Келвин Клајн, за на крај да стане муза на Дејвид Симс за насловната на париски Vogue. Но таа не се чувствува како ѕвезда , тивко и скромно ги освојува модните хоризонти.
Clara Settje. Пилешки палачинки, шолја топло кафе и прошетка низ Париз. За Клара ова е совршен начин да се отпочне денот. Детството го поминала во Тексас, а нејзината кариера е на почеток. Русокоса со зелени очи Клара позира за прв пат на страниците на Marrie Claire, во облека со џипси мотиви.
Amra Cerkezovic. Божествено и готски, ова се епитетите кои го одликуваат нејзиниот портрет во магазинот и одлично и прилегаат. Оваа босанска манекенка ја освои публиката и фотообјективите со спонтаното намигнување и шармантната пикси фризура. Има учествува но во неколку кампањи и модни ревии на Хермес, Фенди и Питер Пилото.
Pau Bertolini. Само погледнете ја таа е симбиоза на две души со латинска крв. Аргентинка по потекло на која совршено и стојат дизајните на Донатела Версаче. Паола е нејзиното целосно име, и ова е нејзино деби на страниците на Marrie Claire, во рок панк-глам издание кое совршено и прилега и на нејзината личност но дава и моќен старт во нејзината кариера. Во 2008 за прв зачекори на модните писти, потоа беше избрана во малкуте величествени на кастингот на Џорџо Армани. Таа плени со кратката коса, порцеланското лице и моќниот чекор. Микс од вкусови, појави и визии кои се вистински еликсир за нејзината кревка младост.
Alison Nix. Стилот кој неа и прилега е оној со примеси на полароид како кај Дајан Китон во филмот „Јас и Ани“. Но ние во неа ја препознавме неверојатната Lady Hitchcock, и за разлика од актерката Алисон дели многу насмевки и ведрина. За списанието таа ја одигра улогата велосипедистка во моторџиски панталони, во ултра секси издание кое потсетува на поп Барби девојка. Го напушти Денвер за да и се препушти на љубовта на Париз, но во својот животен куфер ги носи американските гени. Вели дека кога ќе заврши со кариерата како модел ќе живее на село со колиба опкружена со кучиња.
Manuela Frey. Ги напушти швајцарските кантони за да парадира на ревијата на Џил Сандер. И од тогаш не престана . Во нејзината биографијасе најдоа имињата на еминентни модни дизајнери како Џорџо Армани, Фенди, Шанел , Бурбери и Александар Меквин. Таа е со поголемо искуство од другите и за неа ова е предизвик кој сака да го покори.
Cato Van Ee. Велосипедистка, селанка, дама, гламурозна спортистка. На Като и стои буквално се. Со неа модата ја откри моќта на Холанѓанките на модните писти кои се здобија со статус симбол: софистицирани камелеони. Родена 1990 година, мошне млада но вистинска лавица која на голема врата влегува во модната индустрија.