PFW ден 8:Помеѓу римската поп уметност на Валентино и дивата убавица на Меквин

5 март 2014

kolaz naslovna

На претпоследниот ден од модната недела во Париз, каде се презентираат ready-to-wear колекциите за есен-зима 2014/15 година, се претставија Шанел, за чие шоу веќе имавте прилика да читате, потоа Валентино, Валентин Јудашкин, Ирис Ван Херпен и Александар Меквин.

Во продолжение прочитајте го кусиот преглед за ревиите и трендовите кои ти ги наметнуваат за следната есенска сезона.

Валентино

- Римска поп-уметност во Париз-

Valentino1

Дизајнерското дуо Марија Грација Чиури и Пјерпаоло Пиколи инспирацијата за оваа колекција ја најдоа во родниот град, односно во културата на Рим. Не е прв пат овој град да биде појдовната точка за нивните креации. Минатата сезона се инспирираа од Римската опера, а сега мотивацијата ја најдоа во жените од римската уметничка сцена во доцните 1960-ти - Керол Рама, Карла Акарди и Џиосета Фиорони, која е едниствениот женски член на Италијанскиот pop-art. Ова движење е мошне различно од она што е Pop-art во Америка, што го потенцираа и дизајнерите. „Американскиот поп-арт зборува за Кока-кола, за нас е многу нормално да зборуваме за Микеланџело“.

Имајќи го сето тоа предвид, може да се рече дека во текот на шоуто можеа да се забележат повеќе тематики: беа опфатени поп-артот, идејата за индивидуалистичкиот дух , дел од духот на шеесеттите - и раниот Валентино - што беше убаво склопено и прикажано со богати детали и многу умешност.

Valentino 2

Така, ревијата ја отворија креации со впечатливи „туфни“ во интензивни бои, за да продолжи со ендобојни фустани со долги ракави, како и лесни креации од свила со минималистички бохо моменти, што во изборот на материјали, што во кројот на фустаните. Освен точките, застапен е каро дезенот, преземен од Commedia Dell'Arte, а застапени се и строгите линии кај панталоните и капутите. Целиот тек на ревијата е одлично осмислен, со што сосема суптилно се доаѓа до макси фустаните за завршеток на шоуто. Она што се протега низ целата ревија е и цветниот принт во различни варијанти, материјалите со металик сјај, така што дури се добива впечаток дека на креациите гледате уметничка слика, за крајот дизајнерите се одлучуваат да додадат и пеперутки, нагласувајќи го влијанието и од природата. Нежно, женствено, уметнички.

Валентин Јудашкин

-Урбан контраст-

Judaskin 1

Валентин Јудашкин е познат како мајстор на макси, гламурозните фустани. Но, за сезона есен-зима 2014/15 тој приреди една сосема урбана и шик колекција, исполнета со контрасти. Кога се боите во прашање, контрастот се сведува на црна и бела. Во однос на материјалите на кожата и контрира тантелата, мрежестите, транспарентни материјали, а присутни се и сатенот и крзното... Панталони, здолништа, широки палта, мини фустанчиња, долги фустани - парчиња за сечиј вкус. Детаљ што се провлекува низ неколку модели е пеплумот, но во малку поинаква форма како што сме навикнале да го гледаме досега. Со многу набори, по малку потсетуваат на околувратниците што беа актуелни во 17 век ( а беа дел и од ревија на Александар Меквин). Кога се макси фустаните во прашање, останува доследен на себе, правејќи ги од тантела и транспарентни материјали, а сега ги збогати и со пердуви. Јудашкин и покрај урбаната и шик нота, на свој начин успеа да ја истакне и силната и нежната и женствена страна на жената, уште еднаш потенцирајќи го контрастот од кој започна се.

Judaskin 2

Ирис Ван Херпен

Приспособена драматичност

kolaz Iris 1

Вчерашното претставување на Ирис на париската модна недела е нејзино второ со ready-to-wear колекција. Шоуто започна сосема во нејзин стил - драматично. Три девојки облечени во нејзини креации беа ставени во големи кеси, затворени од сите страни, со што требаше да се создаде алузија на состојба на ембрион, како зачеток на нешто ново.

Иако остана доследна на својот научно-фантастичен стил, она што е ново е што успеа да го приспособи и „оформи“ во повторно органски креации кои навистина убаво изгледаат на женското тело, како светкавите сребрени или црни фустани или пак неколкуте крем фустани кои пак се изработени со извезени монисти во боја на опал и јакни од вештачка кожа. Високите чевли во форма на армадило потсетуваа на стилот Александар Меквин, со што драматичноста на силуетата уште повеќе се изразува.

kolaz Iris 2

Александар Меквин

-Дивата убавица и ѕверот-

Mekvin 1

Вака некако би требало да изгледа насловот за оваа колекција според дизајнерката Сара Бартон. Она што веднаш паѓа во очи е сценографијата на ревијата и атмосферата која ја оддава. Чекорење на темни силуети по нерамни површини покриени со трева, земја и малку снег... „Сакав да потенцирам на еден вид невиност која е разголена и ослободена“, вели дизајнерката.

Но, после презентацијата се постави прашањето колку Сара успеала во тоа? Многумина убавицата ја видоа сосема на крајот, додека пак за други немаше воопшто убавица - туку само ѕвер. За таквиот впечаток придонесе доминацијата на темните, широки и трапезни крзнени креации. Сепак, мекоста на крзното и женските силуети, создаваат контраст помеѓу храбрата жена, жена воин и нежната убавица.

Mekvin 2

Не отстапувајќи од примарната силуета и  тробојна палета - црна, бела и темнокафена, Бартон сепак успеала да вметне различност и разиграност. Така на пример, во фустанот со отворено деколте, големи ракави како да гледате млекарка, додека пак во фустан од органза во црно-бела комбинација добива нота на калуѓерка. И покрај делумно негативните критики, во колекцијата на Меквин е застапена женственоста, без оглед на тоа што тоалетите се во темни нијанси (црна, темновиолетова), за на крај убавицата да блесне во бел фустан од тантела на која се забележуваат знаци на сонце и месечина. Без оглед на тоа дали убавицата е и ѕвер, или се две одвоени фигури во замислата на Бартон, ревијата има след и градација, а кој ја сака специфичната естетика на Меквин, секако ќе ја сака и оваа колекција.

Последниот ден од париската модна недела е во тек, а денеска ќе се претстават Луј Витон, Миу Миу и Ермес.

Објавено:
5 март 2014
Категорија: 
Колекции