Разигран и ѕвезден крај на машката модна недела во Милано

25 јуни 2014

Миланската машка модна недела на која дизајнерите со светска слава ги промовираа колекциите за пролет-лето 2015 година вчера имаше навистина ѕвезден и колоритен крај. Честа да ја затворат ја имаа неколку познати дизајнерски модни куќи кои понудија навистина инспиративни, живи и весели изгледи штоќе бидат вистински хит наредната жешка сезона.

DSquared2

DSquared2 DSquared2

Меѓу покреативните е разиграната колекција на модното дуо Дин и Ден Катен кои творат за легендарниот бренд DSquared2.

Американската уметност во годините помеѓу 1960 и 1980 со посебен акцент на поп-арт културата е аплицирана на дизајните на речиси сите парчиња за да се постигне автентичност на изгледот. Кроевите потсетуваат на спортските силуети кои беа актуелни во 1980-тите години, особено варијантите на сако, маичка и кратки панталони наместо долги, а другиот дел од парчињата се тотално во духот на иконографските преференции кои беа актуелни во Њујорк во тоа време.

DSquared2 DSquared2

Дуксерот со апликација на мачка изработен од кожа „спуштени“ фармерки со принтови од графити, колоритната и храбра игра на бои кои се највпечатливи на јакните се само дел од моделите кои ја „купија“ публиката. Највпечатливи беа флуоресцентните бои - жолтата, тиркизната, портокаловата,зелената, и розовата кои одлично гравитираа создавајќи контрасни хармонични модни изгледи  со белата, црната и сивата нијанса.  За да се создаде целосен зглед придонесоа и модните додатоци, особено патика-мокасините со висок ѓон во свежи тонови, големите патнички торби и шапките.

DSquared2 DSquared2

Роберто Кавали

Роберто Кавали Роберто Кавали

Како што е обичај на миланската модна недела, која заврши вчера, модната презентација на Роберто Кавали беше меѓу последните. Разликата овој пат не се должеше на одложените пристигнувања, туку на создавање инвентивна сценографија на модната писта, дело на познатиот архитект Фабио Новембре. И покрај доцнењето возбудата меѓу публиката растеше бидејќи на крајот на ревијата на пистата Кавали прошета со членовите на легендарниот бенд Аеросмит кои носеа негови креации.

Роберто Кавали Роберто Кавали

Оваа сезона Роберто Кавали беше инспириран од Мајами во 1980-тите години и плејбој револуцијата во тоа време. И додека во позадина посетителите уживаа слушајќи ги музичките композиции од едно време, модниот перформанс беше во полн ек. Лежерни креации, свилени предимензионирани кошули, надополнети со синџири, бели фармерки, елеци, украсени со неизбежниот белег на дизајнерот животинските принтови и отпечатоци и пастелни бои кои контрираат со животинските дезени беа само мал дел од изборот на Кавали кој секогаш има за цел да го нагласи машкиот сексапил и убавина.

Роберто Кавали Роберто Кавали

Ермано Шервино

Ермано Шервино Ермано Шервино

Спортска елеганција со денди изглед е првичниот впечаток од колекцијата Ермано Шервино за следното лето. Меки, лесни и воздушести линии на кројот, пријатни материјали и префинет избор на бои каде доминира бежовата нијанса. Мошне слични варијанти имавме и во модите визии за наредното лето на Келвин Клајн . Класиката е водечкиот елемент во комбинација со кашмирни џемпери обоени со свежи бои, кошули кои се украсени со везови и плетени мокасини кои му даваат целосен изглед на онака елегантниот стајлинг.

Ермано Шервино Ермано Шервино

Така некако осцилираа модните амплитуди на модната недела во Милано. Од денес целиот моден свет се сели во најмодната земја во светот Франција, во градот на светлината кроасаните имаат многу поубав вкус кога се јадат во друштво со Ајфеловата кула. Дали и модните вкусови ќе бидат слатки останува да видиме.

Објавено:
25 јуни 2014
Категорија: 
Колекции