Сѐ е во украсите: Блескави детали и колоритно крзно на миланската модна недела

25 февруари 2014

Миланската модна недела уште еднаш им приреди вистинско модно уживање на сите вљубеници во модата. Таму беа прикажани некои од најдобрите колекции за сезоната есен – зима 2014/2015 на најдобрите светски дизајнери.

Кога би направиле една ретроспектива кога се деталите во прашање, единствениот збор што ни доаѓа на памет е – блескави украси!

Буквално во сите колекции на големите дизајнери можеше да се види одличен волуменозен накит со акцент на ѓерданите и бразлетните, колоритни украси за коса во вид на цвеќиња, неверојатни чанти со милион блескави украси, но и супер рамни чевли што изгледаат подобро од било кога.

Парчињата од крзно не беа изоставени ниту од оваа модна недела, па така совршените колоритни бунди, наметки и мали парчиња од крзно беа дел од скоро секоја колекција.

Омилените Долче и Габана се чини ги имаа едни од најубавите детали на оваа модна недела. Во нивната колекција можеа да се видат беспрекорни чантички со феноменални украси претежно во златна боја во комбинација со сини, црвени, зелени и уште какви не камчиња. Од нивната колекција одлични беа и чевлитешто претежно беа рамни и украсени со мал милион детали. Покрај рамните, на пистата можеа да се видат и интересни гладијаторски чизми над колена со кои девојките ќе освојуваат следната сезона.

Dolce&Gabbana

Сосема модерни додатоци на пистата претстави и одличното дуо DSquared 2 кои овојпат создадоа уникатни чанти во минималистички стил, некои од нив сосема едноставни, а некои пак ултра урбани со животински принтови. Тие за прв пат на пистата ги претставија и богатите украси за раце за кои веруваме дека ќе станат вистински хит следната сезона. Во нивната одлична колекција можеа да се најдат и интересни шапки и тренди очила за сонце.

Dsquared2

Тотално луди чизми на пистата претстави и Гучи, а овојпат брендот се реши за крокодилската кожа меѓу другите одлични материјали. Чантите во свежи и колоритни бои беа полн погодок по кои девојките полудеа.

Gucci

Крзно, крзно и само крзно – се чини дека ова е девизата на Фенди што некако, секогаш успева. Што би споменале друго освен дека вистински хит на ревијата беше мини верзијата на Карл Лагерфелд преточена во крзнена чантичка. Истата ги полуде присутните, а зад неа не изостанаа ниту останатите одлични чанти со крзнени додатоци и уште подобрите чевли, односно чизмички над глуждовите.

Fendi

На пистата неверојатни детали прикажа и големиот Емилио Пучи кој, како и сите останати, го имаше крзното во епицентарот на неговата колекција. Покрај тотално лудите бунди што ги претстави во комбинација со лелеавите и неповторливи фустани, тој се задржа и на чизмите до колена, во земјени бои, но претстави и такви со интересни принтови. Кога говориме за чевлите на Емилио, не смееме да ги заобиколиме ниту тренди сандалите што дизајнерот ги создаде за следната сезона.

Emilio Pucci

Мисони пак, крзното овојпат крзното го искористи за да создаде одлични сандали во неколку бои. Тие предизвикаа воодушевување кај присутните, бидејќи беа навистина уникатни. Во комбинација со колоритните чанти, брендот успеа во целта – создавање на кул колекција за есен – зима.

MSGM

Кој може да му одолее на големиот Роберто Кавали? Дизајнерот очигледно со текот на годините станува уште подобар и ги полудува девојките (не во буквална смисла). Ресите кај здолништата и кај фустаните, кожените ретро сандали во светли бои, крзнените палта, будните, крзнените наметки околу вратот, тотално откачените долги ѓердани, фраерските чанти со реси... да не продолжуваме повеќе! Секој еден детал од неговата колекција беше вистински празник за очите и сон на секоја жена!

Roberto Cavalli

Кожени чевли на платформа (за кои сме сигурни дека Мајли ќе ги обожава), многу кожени парчиња, од кои најубави беа здолништата, но и супер модерни чанти беа дел од одличната колекција на Трусарди.

Trussardi

Девојките на Версаче следната сезона ќе носат волуменосни ѓердани со неповторливи бои, супер чанти какви што само тие знаат да создадат, димензионални бразлетни во златна боја, но и многу колоритни парчиња (од кои омилените ни се оние сините) и секако, тренди чевли со врвки во темно сина боја и ретро сандали за кои не мислевме дека некогаш ќе се вратат во мода.

Versace

Од Милано сите заедно одиме кон Париз, каде ќе очекуваме тотално романтични и шармантни парчиња и шик детали. На списокот модни детали од Милано ни се најдоа блескавите цветни украси за коса, преубавите чанти со скапоцени камења во боја, кожени чизми до колена, бразлетни и ѓердани со многу впечатливи украси, крзнени чанти и многу, ама буквално МНОГУ крзнени парчиња кај облеката со кои ќе бидеме вистински диви следната сезона!

Објавено:
25 февруари 2014
Категорија: 
Модни додатоци