Модни додатоци Париз: Крзното и рамните чевли на пиедестал следната сезона!

5 март 2014

Модната недела во шармантниот Париз е пред самиот крај, па сега е вистинско време да ги прегледаме сите модни додатоци што светските дизајнери ни ги претставија на пистата и да се инспирираме за она што ќе носиме следната сезона.

И на париската модна недела, како и на онаа во Лондон и Милано, крзното беше составен дел од голем број колекции. Па така, крзнени модни додатоци можевме да видиме кај Изабел Марант, Олимпија Ле Тан, Ланвин, Нина Ричи и неколку други. Рамните чевли дефинитивно ќе владеат следната сезона, со оглед на тоа што токму такви можевме да видиме во колекциите на голем број дизајнери.

Валентино

За следната сезона Валентино не советува да направиме комбинација на крзнени модни додатоци со кожени чантички и чевли со слични дезени.

Шанел

Chanel

Неодоливи патики, „спакувани“ Шанел чантички, но и такви што ќе ги носиме во кошничка за пазарување, се вистинскиот избор за следната сезона според Шанел.

Сен Лоран

Saint Laurent

Интересни чевлички на ниска потпетица со златни светки, но и прекрасни геометриски обетки се совршениот избор за „Еди Седвик“ девојката според Сен Лоран.

Стела Мекартни

Stella McCartney

Чевлите со полна пета во неодоливи бои и клач чантичката со ѕвездички се чини дека ќе бидат чест избор на трендсетерките следната есен/зима сезона.

Живанши

givenchy

Дефинитивно, најинтересни модни додатоци во колекцијата на Живанши беа долгите чанти чии материјали варираа од крзно, па се до оние полни светки! Подеднакво интересни беа транспарентните ракавици што ги носеа сите модели што беа полн погодок во секоја комбинација.

Клое

chloe

Највпечатлив моден додаток од целата колекција на Клое дефинитивно беше прекрасната чанта во беж и светло виолетова нијанса наречена Далтон! За топол и свеж ефект, сите модели чантата ја носеа фатена под рамената без разлика на нејзината волуменозност.

Џон Галијано

John Galliano

Чизмите со животински принт беа најзабележителните во колекцијата на Галијано. Истите беа изработени од кожа на питон, имаше и антилопски, но највпечатливи беа секако оние со изразени пердуви.

Селин

Celine

Од удобни рамни чевли па сѐ до сандали со полна пета, Селин покажа навистина интересни модни додатоци. Крзното што моделите го носеа само на едната рака како супер топол додаток за зима, но и обетките само на едното уво беа супер компатибилни со малите, но и волуменозни чанти.

Жан Пол Готје

Скоро цела колекција на одличниот Готје беше со металик нијанси на сите парчиња. Сосема ретро, но во исто време и толку футуристички беа и модните додатоци, пред се сандалите во металик сребрена боја и клач чантичките што изгледаа тотално урбано. Девојките уживаа носејќи ги и портокаловите крзнени лисици преку рамената.

Диор

dior

Чантите Диорисимо и колоритните крзнени наметки што моделите ги носеа преку рацете подготвени да се стоплат со нив во секој момент, се вистинскиот и елегантен избор на Диор за следната сезона.

Ланвин

Lanvin

Пердувите и крзното беа главни кога станува збор за модните додатоци кај Ланвин. Од модната куќа предлагаат следната сезона да бидеме елегантни дами со големи и впечатливи шешири.

Дрис Ван Нотен

Dries Van Noten

Впечатливите и колоритни цветови како совршен финиш на комбинацијата, но и крзнените наметки околу вратот и клач чантите со реси се она со што Дрис Ван Нотен не почести на модната недела во Париз.

Објавено:
5 март 2014
Категорија: 
Модни додатоци