Аксесоарите секогаш ја заокружуваат комплетната слика на еден изглед, па дури понекогаш се и највпечатливиот детаљ од едно стилско издание. На четирите маратонски модни недели за сезоната есен-зима 2015-16: Њујорк, Лондон, Милано и Париз имавме можност да се запознаеме со дизајнерските тенденции за идната сезона. Прогнозите во однос на модните додатоци се свежи, богати и различни. Првиот заклучок е дека аксесоарите се кулминација на се’. Вториот заклучок е дека повеќето дизајнери храбро размислувале, надвор од комфорната зона, барем кога модните додатоци се во прашање. Еве го нашето резиме на комплетната слика.
Чанти
Не постои една ултимативна форма или боја кога чантите се во прашање. Во дизајнерските трендовски предвидувања за следната година визиите се различни: од вреќести и гломазни до елегантни и женствени мини чанти.
Чевли
Трендот на чевли со дебела потпетица или такви на ултра високи платформи продолжува и следната сезона. Се чини дека овој тренд стана омилен дури и кај оние дизајнери кој секогаш преферирале тенка и елегантна, женствена потпетица. Гладијатор-чизмите и оние над колена ќе бидат „must have“ спорес дизајнерските прогнози.
Флорални детали
Цвеќињата ќе ни ја обојат зимата. Дизајнерите не пропуштија шанса флоралните мотиви да ги вметнат во најралични форми: брошеви, венчиња, накит... Едноставно последните дизајнерски колекци изобилуваат со цвеќиња.
Крзно
Апсолутен фаворит – крзното е имплементирано речиси во сите дизајнерски колекции, што како крзнени шалови и капи, што во комбинација со други материјали во дизајнот на чантите и чевлите, но во секој случај неговото присуство и тоа како е видливо.
Накит
Кај накитот видовме неколку варијации, од елегантните бисери околу врат во колекцијата на Стела Мекартни, па впечатливи гламурозни гердани кај Роберто Кавали или веќе препознатливите околувратници со натписот на Версаче.
Шапки
Во дел од дизајнерските колекции акцентот беше ставен токму на шапките. Тоа беше случај и во колекцијата на Вивијен Вествуд што воопшто не не’ изненади со оглед на фактот дека една од најпопуларните шапки минатите сезони беше токму со нејзин потпис, а ја популаризираше Фарел Вилјамс.
Слушалките и венчињата на Долче и Габана
Едноставно не може да ги заобиколиме – скапоцените слушалки облагородени со украсни камења и аристократските венчиња на двоецот Долче и Габана. Покрај тоа што нивната колекција посветена на мајките, беше една од оние кои предизвикаа најмногу внимание на изминативе модни недели, овие модни додатоци го заокружија комплетниот впечаток.
Накитот и пирсингот на лице на Живанши
Инспирацијата од уличната чоло-култура и племенското декорирање на лицето, резултираше со ексцентричниот и артистичен приказ на новата Живанши девојка за есен-зима 2015/16. Пирсовите на лицето на манекенките на Живанши дадоа една нова димензија на естетиката, што за Живанши не е непозната.