Волуменозноста, колоритот и ретро парчињата ја крунисаа модната недела во Париз

6 март 2014

По бројни месеци безброј ревии на светските дизајнери, вчера конечно се случија и последните во рамки на модната недела во романтичниот Париз. Честа да ја затворат можеби најубавата модна недела во светот ја имаа Хермес, Луј Витон, Миу Миу и уште неколку други дизајнери. За крај на уживањето, тие не ги заобиколија трендовите прикажувајќи крзно, машки костими за жени и многу пастелни бои како дел од нивните колекции за сезоната есен/зима 2014 – 2015 година.

Хермес

Hermès

Кристоф Лемар за Хермес овојпат создаде тотално блескава колекција чии парчиња едноставно зрачеа со самодоверба. На пистата можеше да се види тотално беспрекорен луксуз, како кај материјалите, така и кај парчињата со кои дизајнерот ги полуде присутните обожавателки. Вистински париски луксуз и шарм на колекцијата дополнително и даваше и внимателно одбраното место на одржување, палатата The Paris Bourse, низ чии лавиринти истакнати со романтични завеси прошетаа сите модели. Дизајнерот реши ревијата да ја отвори со волуменозно шик сиво палто што моделот го носеше врз беспрекорно сошиената бела кошула и широките панталони. Крзнените и волнените елечиња не изостануваа од колекцијата, па така за особена нагласеност на женската секси половина дизајнерот се одлучи за супер кожени ремени. Дел од колекцијата беа и женските супер скроени панталони во комбинација со кошули во иста боја и масивни капути со неверојатно „фраерски“ јаки. За следната сезона дизајнерот не ги изостави ниту женските фенси фустани, па така женственоста ќе ја истакнете доколку одберете фустан во земјена боја до колена и истиот го комбинирате со супер палто или пак крзнени елечиња или бунди. Интересен момент имаше кај обувките, особено во оној момент кога дизајнерот се одлучи да прикаже сандали во комбинација со ултра дебели чорапи за кои мора да признаеме дека не изгледаа воопшто лошо, туку напротив – ултра модерно!

Луј Витон

Louis Vuitton

Се чини, модното шоу на Луј Витон беше најочекуваното за оваа сезона – а модниот бренд сосема ги оправда очекувањата со својата каприциозна романса! Откако креативната „палка“ во модната куќа од рацете на Марк Џејкобс отиде кај Николас Гескиер, очекувањата и тоа како беа огромни. Разликата беше повеќе од очигледна! Со оглед на тоа што Џејкобс е апсолутно емоционален дизајнер, а Гескер рационален – на пистата можевме да видиме еден микс на ретро моменти со одлични предвидувања за иднината. Голем дел од парчињата во колекцијата беа апсолутно носливи и тоа за храбри девојки кои не се плашат од предизвиците во животот. Бидејќи Гескиер е апсолутно познат по неверојатната прецизност во работењето, многу очекувано беше на пистата да видиме супер изработени парчиња без никаков момент на сомнеж, а токму тоа и се случи. Тој на облеката и даде една посебна димензија, една неверојатна перфекција, детали што беа лудо добри, севкупно, облека за вистинската жена што таа ќе обожува да ја носи секој ден. Сите парчиња му беа функционални, особено кусите здолништа со прекрасни бои и дезени. Тој ги комбинираше со куси блузички и ремени на половината, а одозгора со шик француски палта со крзно на јаките. Женската силуета дополнително ја истакна и со кусите јакнички во комбинација со тесните панталони, но и со свилените и кожени фустани во феноменални бои. Дополнителен сјај на жената и даде и со неговиот одличен избор на чевли за кој се надевавме дека ќе биде ваков – беспрекорен!

Миу Миу

Miu Miu

Иако веќе знаеме дека Миуча Прада не е дизајнер што е опседнат со трендовите, сепак во новата колекција за Миу Миу можевме да видиме доста трендови – крзно, спортски парчиња, плетеници или со еден збор урбана стрит облека. Сите парчиња од колекцијата есен/зима на Миу Миу беа тотално колоритни со ултра младешки и свеж дух во себе, како наменети за весели и разиграни девојки кои му се радуваат дури и на дождот. Дизајнерката ни понуди куси здолништа и фустани скоро во секоја комбинација што моделите ги носеа со супер плетени џемпери, со јакни, со дождовни транспарентни најлонски капутчиња, но и со интересно изработени долги и кратки капути, јакнички и бунди. Сите парчиња од колекцијата беа во пастелни бои за кои веруваме дека дефинитивно ќе ни ја разиграат следната сезона. На моменти, голем дел од парчињата на Прада за Миу Миу наликуваа на училишни униформи од некои среќни краеви, особено онаа серија на куси здолништа во комбинација со колоритни џемпери. Но, не беше сѐ така невино во нејзината колекција. Во голем дел од комбинациите, девојките имаа доста длабоки деколтеа што им даваа одредена доза на сексапил на сите одбрани парчиња. Чевлите на Прада беа како порачани од „Алиса во земјата на чудата“. Тотално колоритни, налик најубавите бонбони на светот, во неодоливи пастелни бои, транспарентни, розови, нежно сини... Едноставно магични! Имаше за секој по нешто – дождовни гумени чизми, колоритни сандали, транспарентни чизми над глуждовите, но и секси салонки во прекрасни бои украсени со панделки!

Објавено:
6 март 2014
Категорија: 
Колекции