Долгоочекуваната и најавувана ресорт колекција на брендот „Луј Витон“ се случи вчера и тоа во Кјото, Јапонија.
Како што и самите забележувате, „борбата“ помеѓу модните куќи да се има што поавтентично шоу и место сè уште е актуелна, а Никола Гескје одлучи тоа да биде музејот „Михо“ во гореспоменатиот град, каде за првпат е одржан настан од ваков тип. Но, и последен.
-Ова го дозволивме само еднаш, нема да се повтори. Локалните власти, нашите тимови и клиенти, сите откриваме нешто ново за првпат, но и последен пат – велат од музејот.
Затоа, Гескје не ја испушти можноста да направи шоу за паметење.
Ревијата ја отвори јапонската актерка Рила Фукушима, долгогодишна пријателка на дизајнерот, позната по улогата во „The Wolverine“, во јакна изработена во пачворк техника, со крзно, ткаенини со леопард принт, во комбинација со широка кошула на риги.
Инаку, сите модели чекореа по бела писта, поточно бел килим, од внатрешноста на музејот, преку тунелот и мостот до надворешноста, што е автентично доживување, испратени од погледите на околу 600 гости од 25 земји.
-Секоја круз колекција е истражување и откривање, и воедно е игра на интригантната култура на земјата што ја посетуваме, со францускиот или париски поглед. Во Јапонија доаѓам повеќе од 20 години, што од приватни, што од професионални причини и како и сите останати, секогаш бев воодушевен од контрастот помеѓу тоа како тие го чуваат наследството и историјата, како ја слават, а истовремено земјата оди напред во модерното време и технологијата - објаснува Гескје.
Токму тоа се обидел и да го прикаже во колекцијата. Јапонското влијание е видливо на повеќе нивоа, од шминката каде е воочлива кабуки инспирацијата, до деталите во облеката – како ремени, самурајски елементи, принтови....
За што подобро да го прикаже јапонското влијание и да го искомбинира со француското, Никола го покани и познатиот дизајнер Кансаи Јамамото.
Јапонскиот дизајнер е познат по тоа што ги креираше костимите на Дејвид Боуви за турнеите за „Ziggy Stardust“ и „Aladdin Sane“, а воедно е и првиот јапонски дизајнер кој има своја ревија во Париз. Овој пат влијае врз францускиот дизајнер и му помага во создавањето на креациите со волумен (широките јакни со впечатливи ракави), како и фустаните со везени елементи.
-Сметав дека ќе биде интересно да го вклучиме во оваа наша приказна, па го замоливме да дизајнира неколку работи за оваа колекција – откри Никола.
На тоа се надоврза и јапонскиот дизајнер:
-Ми се допаѓа неговата страст и новите креации, навистина сум среќен што имав можност да го поддржам – вели Јамамото, кој ќе одржи своја ревија во Токио на 10-ти јуни.
Целта, помеѓу другото, е да се постигне перфекцијата.
-Тежок и болен е патот до перфекција. Па, изведувањето на ваков тип настан во Јапонија, парадоксално но, е едно од најтешките нешта. Бразил е земја на пример, каде се дозволени измени во пет-до-дванаесет, каде агилноста и темпераментноста се национален спорт. Јапонија е антитеза на Бразил. Сè е фокусирано на перфекцијата, повторувањето и сигурноста дека нема да има изненадувања – велат од тимот на „Луј Витон“.
Дизајнерот пак, перфекцијата во моделите ја претставува преку строгите и дефинирани кроеви и линии, инаку карактеристични за неговата естетика. И покрај тоа што се користи со комбинирање на различни ткаенини, неговите креации изгледаат уредно и јасно.
Вниманието го привлекоа и бомбер јакните, сакоата, мантилите, како и изобилството на интересни кошули, а за обувките – кратки каубојски чизми, се верува дека ќе бидат еден од најгласните трендови за следната сезона.