На почетокот на месецов, во јапонското крило на Музејот Метрополитен во Њујорк беше отворена изложбата "Кимоно стил: Колекцијата Џон К. Вебер" чија цел е да ја прикаже еволуцијата на оваа традиционална јапонска облека, како и нејзиниот однос со Западот. Изложбата ќе биде отворена до 20 февруари 2023 година.
Иако изложбата вклучува голем број на модерни кимона од колекцијата на Џон К. Вебер, таа исто така презентира и кимона од Едо периодот (1603-1868), кога општеството било високо кодифицирано. Почнувајќи со театарски костими и облека која се носела исклучително за одредени функции, оваа изложба нуди увид во начинот на кој модата била користена како алатка за секој член на општеството да може да ја игра својата улога.
Но, во одреден дел од историјата, привлечноста на едноставниот дизајн на кимоното и неговата Т-форма (која му дозволува да биде носено така што комплетно му оддава почит на материјалот од кој е изработено), ги надминува границите на затвореното јапонско општество и се придвижува кон запад.
Додека претходно кимоното беше познато како елегантната и слоевита облека носена од јапонските жени со висок статус кои ретко биле видени во јавноста, веќе во 1910-тите, париските модни дизајнери не ја кријат својата воодушевеност и го воведуваат во своите креации. Па така некои дизајни инспирирани од кимоното во Франција се носеле како наметки за домашни посети.
Меиџи периодот (1868-1912) е клучен за модернизацијата на Јапонија која во тој период интензивно вршела увоз на текстилни машини, како и машини за шиење, малопродажни и маркетинг концепти, и секако, западна облека. Еден дел од изложбата е посветен токму на таа „транснационала перспектива", прикажувајќи модели на кимона произведени за јапонскиот пазар, кои прикажуваа мотиви инспирирани од западната уметност.
Оттогаш па наваму, јапонското кимоно зазима уште поголем замав во освојувањето на западната модна сфера, а според ко-кураторката Карен Ван Готсенховен „'the kimono mind' - термин скован во 1965 година од архитектот и историчар Бернард Рудофски - стана постојана метафора за Јапонија во западниот моден дизајн, поттик за ослободување женските тела од претходните ограничувања".
На изложбата се прикажани дел од западните дизајнери кои видно ја рефлектираат инспирацијата од јапонското кимоно во своите креации, како палтото на Пол Поаре, малиот црн фустан од Медлин Вионет, силуетите на Кристобал Баленсијага од 1957 година со кои се спротивставува на заоблената и стеснувачка форма, додека пак третиот бран на јапонизмот во модата е претставен на изложбата со делата на западните дизајнери, вклучувајќи ги Александар Меквин и Џон Галијано, како и од пионери на јапонскиот дизајн, вклучувајќи ги Исе Мијаке, Реи Кавакубо и Јоџи Јамамото.
Во последните децении, кимоно стилот е еднакво, ако не и попопуларен на западната модерна сцена од било кога претходно. Западни изведувачи како Гвен Стефани и Ријана го направија кимоното дел од поп-културата и уличниот стил во метрополи како Њујорк, Милано, Париз и Токио.