Тајните на јапонското кимоно

22 ноември 2021

Јапонското кимоно е богато со симболика - тоа не го изразува само вкусот, сензибилитетот и општествениот статус на жената, туку и љубовта, грижата, почитта за другите, но пред се' кон природата.

Зборото „кимоно“ значи - „парче облека“, што само ја нагласува сеприсутноста на свилената носија во животот на луѓето во Јапонија. Кимонот пред се' се однесува на традиционална машка облека, со оглед дека мажите во оваа земја многу порано и во поголема мера се откажале од носењето домашни парчиња облека, употребата на кимоното преминала повеќе во женската облека, а денеска кога облеката од запад доминира секаде, сега кимоното е синоним за традиционална женска облека, посебно привлечна за странците.

Кимоното никогаш немало намена да ја направи жената телесно попривлечна или заводлива, да ги истакне нејзините атрибути, туку да ѝ помогне да изгледа убаво, достоинствено и префинето. Основниот дизајн на кимоното бара ситни чекори и право држење на телото, а кога е однесувањето во прашање, правилата велат потивок говор и воздржана гестикулација при неговото носење, а сето ова придонесува до впечаток за една благородност, женственост, грациозност и пристојност!

Златните години на женското кимоно се до Втората светска војна, дотогаш се носи секојдневно, но после таа голема политичка, војна но и културна пресвртница, во Јапонија почнува да доминира друга облека и кимоното се носи само за таканаречени ритуални употреби.

Сепак, Јапонките и денес знаат да облечат кимоно кога сакаат да се дотераат за некоја свечена вечера или прием.

Женското кимоно чини од неколку стотици до речиси 10.000 долари, во зависност од тоа колку труд и време се вложени во неговата изработка, која често подразбира и боењна на свилата и изработка на ликовни композиции. Кимоната од поголема вредност се пренесуваат од генерација на генерација и во тој контекст, ова парче облека има голема емотивна важност за сопствениците. 

Постојат повеќе нивоа на формалности при носење на кимоно - од неформално, преку полу-формално, до изразено свечено. На пример, при традиционални прослави, кога децата полнат три, пет односно седум години, мајките носат кимоно во една боја, без дезен, овозможувајќи им на децата да бидат во центарот на внимание.

Кога се раѓа дете на пример, во светилиштата се носи кимоно со мотиви на бор и бамбусови лисја, цветот на сливата, затоа што тие билки се сметаат за трајни и отпорни на зима, па симболизираат постојаност, принципиелност, сила, а се верува дека привлеквуваат благодет и долговечност.

Ако детето е машко, мајката често бира кимоно на кои има насликан јастреб, змеј или самурајскки оклоп, со што се изразува желбата да биде интелигентно, храбро, успешно.

Ако е девојче, тогаш мајките носат кимоно со цветни дезени, пред се на слика на „ѕвончиња“ со што на ќерките сакаат да им обезбедат живот исполнет со радост и среќа, односно добро здравје и сигурност. Се верува дека звукот на ѕвоната ги одбија лошите духови и ги повикува божествата да му дадат заштита од несреќа.

Преку кимоното може да се пренесе и честитка, убава желба и да послужи како средство на невербална комуникација. 

На пример, кога по примерот на стар кинески обичај, се присуствува на прослава на посебно важниот 77 или 88 роденден, прикладно е да се облече кимоно со мотиви на жерав, бидејќи оваа птица се смета дека е симбол на долговечноста, а со тој чин на домаќинот односно славеникот му се пренесува желбата уште долго да живее.

Во Јапонија во минатото, жените ги користеле широките ракави на кимоното за да одбијат нечие додворување. Ако не им се допаѓал мажот, тие замавнувале со ракавите во страна - ова е обичај кој влегол дури и во јазикот, па и денес во јапонскиот јазик се користи синтагма „да одмавнеш некого“, во смисла да го одбиеш или да раскинеш врска со некого. 

Од друга страна пак, нежното движење на раката напред-назад, значело согласност.

Боите на кимоното како и ликовните детали ги одразувале промените во природата. Целта била да се постигне хармонија со природата, па во зима се облекувале кимона кои имаат снежни или камени пејсажи, борови, камелии, кои ја одразувале желбата за побрзо доаѓање на пролетта. 

На пролет се носеле кимона со мотиви на гранки со пуполци, црешов цвет, пеперуткки. Во лето  тоа се мотиви на ирис, водни пејсажи (потоци, морски бранови), додека во есен тоа се мотиви на хризантема, жолто и црвено лисје или месечина.

Слоевитоста и должината на кимоното укажувале на класните и статусни разлики. Во Јапонија и денес постојат разлики во изгледот и бојата на кимоното на жените кои се омажени и оние без маж.

На пример, кимоното на немажените жени има широки ракави кои паѓаат речиси до колена и знаат да бидат во многу интензивни бои, а исто така се украсени со мноштво ликовни мотиви. Од друга страна, госпоѓите по правило носат помалку упадливи мотиви по должина на ракавите и бираат „пригушени“ бои.

Општествениот статус влијаел на должината на кимоното. Во минатото кимоното било толку долго да се влечело по земја, но со почетокот на модернизацијата, кон крајот на 19 век и вклучувањето на жените во индустриското производство, посебно во текстилните фабрики, неговата должина е скратена за да се олесни движењето и работата.

Интересно е што во поново време, кимоното повторно станува се' повидливо на улиците на Јапонија, особено меѓу помладите жени. За тоа веројатно има влијание и модната индустрија и дизајнерите кои му даваат нов контекст. Тоа понекогаш значи и оддалечување од традиционалните примери, сепак идеалот на женственоста кој кимоното го поддржува и го обликува сепак го чува своето место.

 

Објавено:
22 ноември 2021
Категорија: 
Стории
Прочитано:
250 пати