На седмиот ден на модната недела во Њујорк

Розовата жена на Херера и Боб Марли на Хилфигер

15 септември 2015

Почетокот на неделата во Њујорк беше во знакот на познати дизајнерски имиња и различни дизајнерски изрази, што внесуваат динамичност, со што Њујорк уште еднаш потврди дека е град што не спие.

Каролина Херера

Каролина Херера понуди една романтична и модерна колекција, наменета за сите жени што ја чуваат девојката во себе. „Моментално сум во розова фаза“, изјави дизајнерката и на тој начин го објасни доминантното присуство на оваа боја во колекцијата за пролет 2016.

Херера направи поинаков чекор во однос на материјалите. На пример, тулот на одредени креации е лелеав, но на други сосема се „спојува“ со кожата. За оние што не се љубители на розовата, Каролина понуди креации во црни, бели и темносини нијанси. Едноставноста по која Херера е позната, е задржана и овој пат, како и дел од геометриските форми.

Томи Хилфигер

Кога сме кај препознатливоста, Томи Хилфигер остана доследен и повторно нè однесе на едно егозтично, тропско патување. Освен боите на брендот кои се задолжително присутни во неговите колекции, Хилфигер понуди богат колорит. Креациите кои повторно во себе ја содржат спортската нота, овој пат беа искомбинирани со реге.  

Па, ако ја подгледнете подобро колекцијата, веројатно првата асоцијација ќе ви биде Боб Марли, што е и дел од инспирацијата на дизајнерот. Ако сте љубител на оваа естетика, тогаш несосмнено ќе ви се допаднат плетените капи, фустани, костими за капење, топ маички, и комбинацијата на плетено со спортско.

Џереми Скот

Не може да се зборува за доследност и препознатливост, а да не се спомене и Џереми Скот. Тој исто така вчера ја презентираше својата самостојна колекција, во која ги спои влијанијата од 1960-тите и 1980-тите.

Светските модни магазини потенцираат дека всушност тоа е и најинтересниот и највредниот дел од оваа колекција на Скот – начинот на кој што тој ја комбинира поп-културата. Што се однесува до креациите и кроевите, веќе видено и проверено. Но, тоа е Џереми Скот.

На почетокот на оваа недела, свое шоу имаа и 3.1.Philip Lim, Лела Роуз, Рим Акра и Зак Посен, а дел од нивните креации се во галеријата.

 

Објавено:
15 септември 2015
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
488 пати