Шанел за прв пат допатува во Африка со фантастичното модно шоу Métiers d’art

9 декември 2022

Францускиот луксузен бренд Шанел за прв пат допатува во Дакар, Сенегал со фантастично модно шоу за традиционалната Métiers d'art ревија.

800 гости меѓу кои и првата дама на Сенегал, Марием Сал, уживаа во современата проекција на Вирџин Вјард на богатата африканска култура интерпретирана преку модниот код на Шанел – раскошниот твид, повеќедимензионално искористен во духот на естетиката на 70-те години на минатиот век.

Од друга страна, доживувањето на Африка и на старите текстилни занаети, како дел од искуството што и претходело на колекцијата, ѝ даваат дополнителен социолошки и културолошки контекст автентично пренесен преку боите и бесконечно инспиративните дезени на „црниот континент".

Така бохо естетиката на 70-те е комплетирана со колоритот на африканската култура, како ефективен спој кој одлично функционира во една модернистичка целина.

Ревијата е одржана во поранешната Палата на правдата, племенит простор кој на најверодостоен начин ја пренесува идејата на Вјард за една космополитска приказна која ги врзува времето и просторот.

Фото: Vogue

Објавено:
9 декември 2022
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
159 пати