Шумските богатства во модното кралство

12 ноември 2014

„Си живееше еднаш во едно модно кралство една жена која кога и да ја посетеше најблиската шума се претвораше во вистинска шумска самовила...“

Вака би започнала бајката на дизајнерите кои во своите колекции за сезоната есен – зима 2014/15 решија новите модели на писта да ги спојат со таинствените богатства на шумското царство.

Vivetta Vivetta

Користењето на амблеми, принтови и дезени со шумски мотиви и животни е најизразено во колекцијата на модниот двоец Долче и Габана. Лисиците, вервериците и буфовите испреплетени во сицилијанската бајка создадоа еден нов свет кој стана дел од плакарите на најпознатите блогери и трендсетерки но и голем број познати ѕвезди.

Долче и Габана Долче и Габана

Алберта Ферети пак, не ја инспирираа животинките кои живеат во шумското кралство, туку амбиентот, боите и нивните нијанси. Грмушките, гранките, листовите и цветовите беа во фокусот на нејзините парчиња. Валентино им остана верен на своите строги романтични кроеви, софистицирано анимирани со цвеќиња, птици и пеперутки во милиони бои и нијанси.

Валентино Валентино

Покрај големите дизајнерски имиња, кон овој „шумски – тренд“ се приклонија и помалите модни куќи и брендови кои решија магичниот шумски воздух и топлите есенски колорити да бидат дел од нивните модни приказни.

Објавено:
12 ноември 2014
Категорија: 
Колекции